Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 9:28-62

Лука 9:28-62 MK2006

На осум дена по овие зборови, ги зе­де со Себе Петар, Јован и Јаков, и се ис­качи на гората да се помоли. И додека се молеше, изгледот на лицето Негово се промени, а облеката Му стана бела и светла. И ете, двајца луѓе разговараа со Не­го; а тие беа Мојсеј и Илија. Па, кога се појавија во слава, тие зборуваа за Неговото заминување, кое требаше да заврши во Ерусалим. А Петар и неговите другари ги бе­ше совладал сон; но штом се разбудија, ја видоа славата Негова, и двајцата што стоеја со Него. И кога се разделуваа од Него, Пе­тар без да знае што зборува, Му рече на Исус: „Учителе, добро е да останеме ов­де; да направиме три колиби: за Тебе една, за Мојсеј една, и за Илија една!“ Додека го велеше тоа, се појави об­лак и фрли сенка врз нив; и се уплашија штом влегоа во облакот. И дојде глас од облакот, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син; Него по­слушајте Го!“ А кога се чу тој глас, Исус беше останал сам. И тие премолчаа и никому ништо не кажаа во тоа време за она што беа виделе. А на другиот ден, додека се симнуваа од гората, Му доаѓаше во пресрет многу народ. И ете, некој од народот извика: „Учителе, Ти се молам, погледни на мо­јот син, зашто ми е единец! Духот одненадеж го зграпчува и ете, тој почнува силно да вриска. Го растргнува толку силно, што тој сиот се запенува, и откако многу ќе го измачи, одвај го пушта. Ги помолив учениците Твои да го истераат, но тие не можеа.“ Одговори Исус и рече: „О, роде не­верен и развратен! До кога ќе бидам со вас и до кога ќе ве трпам? Доведи го си­нот твој тука!“ И додека тој уште приоѓаше, злиот дух го кутна и почна да го тресе. Но Исус му заповеда на нечистиот дух и го излекува момчето и го предаде на татко му. И сите беа вчудовидени од Божјото величие. И додека сите се восхитуваа на сѐ што правеше Исус, Тој им рече на учениците Свои: „Запамтете ги во ушите свои овие зборови: ‚Синот Човечки ќе биде пре­да­ден во рацете на луѓето.‘“ Но тие не го разбраа овој говор, зашто беше прикриен од нив за да не го разберат, а се плашеа да Го прашаат за неговото значење. И им дојде мисла: кој од нив е најголем. А Исус, знаејќи ја мислата на нив­ните срца, зеде едно дете и го постави пред Себе, па им рече: „Кој го прима ова дете во Мое име, Мене Ме прима; а кој Ме прима Мене, го прима Оној што Ме пратил; зашто кој е најмал меѓу вас, тој ќе биде најголем.“ Проговори Јован и рече: „Учителе, видовме еден човек, кој во Твое име ис­терува демони, па му забранивме, би­деј­ќи не оди со нас.“ Исус му рече: „Не забранувајте му! Зашто, кој не е против вас, тој е со вас.“ А кога се навршуваа деновите на Неговото воздигнување, Тој одлучи да тргне на пат за Ерусалим; и испрати пред себе гласници; тие отидоа и влегоа во едно самарјанско се­ло да подготват (преноќиште) за Него. Но не Го примија, зашто имаше из­глед на патник што оди во Ерусалим. Кога го видоа тоа учениците Не­го­ви, Јаков и Јован, рекоа: „Господи, са­каш ли да кажеме да падне оган од не­бото и да ги истреби, како што направи и Илија?“ Но Тој се сврте кон нив и ги укори. Потоа отидоа во друго село. А додека тие патуваа, некој Му ре­че: „Господи, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.“ Исус му рече: „Лисиците имаат лег­ла и птиците небески гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да засолни.“ На друг, пак, му рече: „Врви по Мене!“ А тој одговори: „Господи, допушти најнапред да отидам да го погребам татко ми!“ Но Исус му рече: „Остави ги мрт­ви­те да ги закопуваат своите мртовци, а ти оди и разгласувај го царството Бож­јо!“ Потоа некој друг Му рече: „Гос­по­ди, ќе одам по Тебе, но дозволи ми нај­нап­ред да се простам со своите домаш­ни.“ Исус, пак, му рече: „Никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледува назад, не е достоен за царството Божјо.“