Еднаш, кога Исус се молеше сам, а само учениците Негови беа со Него, Тој ги праша: „За кого Ме смета народот?“ Тие одговорија и рекоа: „Едни за Јован Крстител, други за Илија, а некои, пак, дека воскреснал еден од старите пророци.“ Тој им рече: „А вие, за кого Ме сметате?“ Петар одговори и рече: „За Христос Божји.“
И Тој строго им заповеда никому да не кажуваат за тоа, велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците и дека ќе биде убиен, и дека на третиот ден ќе воскресне.
А на сите им зборуваше: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе самиот, нека го земе крстот свој и секој ден нека Ме следи! Зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, тој ќе го спаси. Зашто, каква му е ползата на човека, ако го добие целиот свет, а себе самиот се изгуби или си направи штета? Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ангели. Вистина ви велам: овде стојат некои што не ќе вкусат смрт, сѐ додека не го видат царството Божјо.“