Откако ги повика Дванаесетмината, им даде сила и власт над сите нечисти духови, и да лекуваат болести. И потоа ги прати да го проповедаат царството Божјо и да лекуваат болни. И им рече: „Не земајте ништо за по пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни сребро, ниту по две облеки да имате! Но, во која куќа ќе влезете, тука останувајте, и оттаму тргнувајте на пат. А, ако некои не ве примат, излегувајќи од тој град, истресете го и правот од нозете свои, за сведоштво против нив.“ А кога излегоа, тие одеа по селата проповедајќи го Евангелието и лекувајќи насекаде.
Кога слушна Ирод четворовласникот што Тој прави, беше збунет, зашто некои велеа дека Јован воскреснал од мртвите; други, пак, дека се јавил Илија, а некои – дека се дигнал еден од старите пророци. И рече Ирод: „На Јован јас му ја отсеков главата; но кој ќе е Овој, за Кого што слушам толку?“ И сакаше да Го види.
А апостолите, кога се вратија, Му раскажаа што направиле. Тогаш ги зеде, отиде насамо во пусто место до градот, што се викаше Витсаида. Но народот штом разбра – тргна по Него. И кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување. А денот почна да намалува. И се приближија до Него Дванаесетмината и Му рекоа: „Отпушти го народот да оди по околните села и колиби на ноќевање и да си најде храна; зашто овде сме во пусто место.“ Но Тој им рече: „Дајте им вие да јадат!“ Тие одговорија: „Ние немаме повеќе од пет леба и две риби, освен ако отидеме и купиме храна за сите овие луѓе.“ А луѓето беа околу пет илјади. Но Тој им рече на учениците Свои: „Кажете им да поседнат во групи по педесет.“ И направија така, и ги поредија сите. А Тој, кога ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги раскрши и им ги даде на учениците за да ги стават пред народот. И јадеа, и се наситија сите; и кренаа од останатите парчиња дванаесет кошеви.
Еднаш, кога Исус се молеше сам, а само учениците Негови беа со Него, Тој ги праша: „За кого Ме смета народот?“ Тие одговорија и рекоа: „Едни за Јован Крстител, други за Илија, а некои, пак, дека воскреснал еден од старите пророци.“ Тој им рече: „А вие, за кого Ме сметате?“ Петар одговори и рече: „За Христос Божји.“
И Тој строго им заповеда никому да не кажуваат за тоа, велејќи дека Синот Човечки треба да пострада многу, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците и дека ќе биде убиен, и дека на третиот ден ќе воскресне.
А на сите им зборуваше: „Ако некој сака да оди по Мене, нека се одрече од себе самиот, нека го земе крстот свој и секој ден нека Ме следи! Зашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, тој ќе го спаси. Зашто, каква му е ползата на човека, ако го добие целиот свет, а себе самиот се изгуби или си направи штета? Бидејќи, кој се срами од Мене и од зборовите Мои, од него ќе се засрами и Синот Човечки, кога ќе дојде во славата Своја, и на Отецот и на светите ангели. Вистина ви велам: овде стојат некои што не ќе вкусат смрт, сѐ додека не го видат царството Божјо.“
На осум дена по овие зборови, ги зеде со Себе Петар, Јован и Јаков, и се искачи на гората да се помоли. И додека се молеше, изгледот на лицето Негово се промени, а облеката Му стана бела и светла. И ете, двајца луѓе разговараа со Него; а тие беа Мојсеј и Илија. Па, кога се појавија во слава, тие зборуваа за Неговото заминување, кое требаше да заврши во Ерусалим. А Петар и неговите другари ги беше совладал сон; но штом се разбудија, ја видоа славата Негова, и двајцата што стоеја со Него. И кога се разделуваа од Него, Петар без да знае што зборува, Му рече на Исус: „Учителе, добро е да останеме овде; да направиме три колиби: за Тебе една, за Мојсеј една, и за Илија една!“ Додека го велеше тоа, се појави облак и фрли сенка врз нив; и се уплашија штом влегоа во облакот. И дојде глас од облакот, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син; Него послушајте Го!“ А кога се чу тој глас, Исус беше останал сам. И тие премолчаа и никому ништо не кажаа во тоа време за она што беа виделе.