Откако ги повика Дванаесетмината, им даде сила и власт над сите нечисти духови, и да лекуваат болести. И потоа ги прати да го проповедаат царството Божјо и да лекуваат болни. И им рече: „Не земајте ништо за по пат: ни стап, ни торба, ни леб, ни сребро, ниту по две облеки да имате! Но, во која куќа ќе влезете, тука останувајте, и оттаму тргнувајте на пат. А, ако некои не ве примат, излегувајќи од тој град, истресете го и правот од нозете свои, за сведоштво против нив.“ А кога излегоа, тие одеа по селата проповедајќи го Евангелието и лекувајќи насекаде.
Кога слушна Ирод четворовласникот што Тој прави, беше збунет, зашто некои велеа дека Јован воскреснал од мртвите; други, пак, дека се јавил Илија, а некои – дека се дигнал еден од старите пророци. И рече Ирод: „На Јован јас му ја отсеков главата; но кој ќе е Овој, за Кого што слушам толку?“ И сакаше да Го види.
А апостолите, кога се вратија, Му раскажаа што направиле. Тогаш ги зеде, отиде насамо во пусто место до градот, што се викаше Витсаида. Но народот штом разбра – тргна по Него. И кога ги прими, им зборуваше за царството Божјо, и ги лекуваше оние што имаа потреба од лекување. А денот почна да намалува. И се приближија до Него Дванаесетмината и Му рекоа: „Отпушти го народот да оди по околните села и колиби на ноќевање и да си најде храна; зашто овде сме во пусто место.“ Но Тој им рече: „Дајте им вие да јадат!“ Тие одговорија: „Ние немаме повеќе од пет леба и две риби, освен ако отидеме и купиме храна за сите овие луѓе.“ А луѓето беа околу пет илјади. Но Тој им рече на учениците Свои: „Кажете им да поседнат во групи по педесет.“ И направија така, и ги поредија сите. А Тој, кога ги зеде петте леба и двете риби, погледна кон небото, ги благослови, ги раскрши и им ги даде на учениците за да ги стават пред народот. И јадеа, и се наситија сите; и кренаа од останатите парчиња дванаесет кошеви.