А кога си отидоа учениците Јованови, Тој почна да му зборува на народот за Јован: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветар? Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што се облекуваат убаво и живеат богато, по царски палати се. Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, Јас ви велам, и повеќе од пророк. Овој е, за кого што е напишано: ‚Ете, јас го испраќам пред лицето Твое ангелот Мој, што ќе го приготви патот Твој пред Тебе.‘ Зашто ви велам: меѓу родените од жена нема ниеден поголем пророк од Јован Крстител; но најмалиот во царството Божјо е поголем од него.“ И сите луѓе, што слушаа, па и цариниците, ја познаа Божјата праведност, крштавајќи се со крштавањето Јованово; а фарисеите и закониците ја отфрлија Божјата волја за нив, и не се крстија од него. „Со кого да ги споредам луѓето од овој род? И кому се слични? Тие личат на деца што седат по пазариштата и викаат едно на друго, велејќи: ‚Ви свиревме, а вие сепак не игравте; ви пеевме жални песни и сепак не плачевте!‘ Зашто, дојде Јован Крстителот, кој ниту леб јаде, ниту вино пие, а вие велите: ‚Демонот е во него.‘ Дојде Синот Човечки, Кој јаде и пие, а вие велите: ‚Еве човек ненаситлив и пијаница, пријател на цариниците и грешниците!‘ А Мудроста беше оправдана од сите нејзини чеда.“
Еден од фарисеите Го покани да јаде со него; и Тој, кога влезе во куќата на фарисејот, седна на трпеза. И ете, една жена од градот, која беше грешница, штом дозна дека Тој седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе сад од алабастер со миро; па застана одзади покрај Неговите нозе, плачејќи почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше и помазуваше со миро. А кога го виде тоа фарисејот, што Го беше поканил, рече во себе, велејќи: „Кога Овој би бил пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што Го допира, зашто таа е грешница.“ Му одговори Исус и рече: „Симоне, имам нешто да ти кажам.“ А тој рече: „Кажи, Учителе!“ Исус му рече: „Некој заемодавец имаше двајца должници: едниот му должеше петстотини денарии, а другиот педесет. Но бидејќи немаа да му вратат, тој им ги подари на обајцата. Кажи Ми, кој од нив повеќе ќе го милува?“ Симон одговори и Му рече: „Мислам оној, кому повеќе му подарил.“ А Тој му рече: „Право пресуди.“ И тогаш се сврте кон жената, па му рече на Симон: „Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти ни вода за нозете не Ми даде, а таа со солзи Ми ги обли нозете и со косата своја ги истри. Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ги целива нозете Мои. Ти со миро не ја помаза главата Моја, а таа со миро ги помаза нозете Мои. Затоа ти велам: нејзе ѝ се простени многу гревови, зашто покажа многу љубов. А кому му е простено малку, тој мала љубов има.“ Нејзе, пак, ѝ рече: „Простени ти се гревовите!“ А оние што седеа со Него на трпезата, почнаа да говорат во себе: „Кој е Овој што и гревови простува?“ На жената пак ѝ рече: „Верата твоја те спаси; оди си во мир!“