И кога ги заврши зборовите Свои кон народот, што слушаше, влезе во Капернаум. Еден стотник имаше слуга, кого многу го сакаше, а слугата беше тешко болен на умирање. Па штом слушна за Исус, ги прати кај Него старешините јудејски, молејќи Го да дојде и да го спаси слугата негов. А тие, кога дојдоа кај Исус, Го молеа усрдно и велеа: „Достоен е да му го направиш тоа, зашто го сака нашиот народ и синагогата тој ни ја направи.“ И тргна Исус со нив. А кога беа веќе близу до куќата, стотникот ги прати пријателите свои кај Него, говорејќи: „Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив; затоа и сам себе не се сметав достоен да дојдам кај Тебе; туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави; зашто и јас сум човек под власт, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ – и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ – и тој доаѓа; и на слугата свој: ‚Направи тоа‘ – и тој прави.“ Штом го слушна тоа, Исус се зачуди и кога се заврте кон народот, што врвеше по Него, рече: „Ви велам, ни во Израел не најдов толку голема вера!“ А кога испратените се вратија, го најдоа болниот слуга здрав.
Потоа отиде во градот наречен Наин; и со Него одеа Неговите ученици и многу народ. А кога се приближи до градската порта, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка си, а таа беше вдовица; и многу народ од градот одеше со неа. Штом ја виде Господ, се сожали на неа, па ѝ рече: „Не плачи!“ И кога се приближи, се допре до носилото; носачите застанаа, а Тој рече: „Момче, тебе ти велам, стани!“ Мртовецот се подигна и седна, па почна да зборува; и Тој го предаде на мајка му. И страв ги обзеде сите, и Го славеа Бога и велеа: „Голем пророк се јави меѓу нас“ и „Бог го посети Својот народ.“ И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина.
И му соопштија на Јован учениците негови за сето тоа. Јован, пак, повика двајца свои ученици и ги испрати кај Исус, говорејќи: „Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?“ И кога дојдоа кај него, тие Му рекоа: „Јован Крстителот нѐ прати кај Тебе, велејќи: ‚Ти ли си Оној што треба да дојде, или друг да чекаме?‘“ Во тој час Тој исцели мнозина од болести, и од рани, и од демони, и на мнозина слепи им подари вид. И им одговори Исус и рече: „Одете и кажете му на Јован што видовте и што чувте: слепи прогледуваат, куци проодуваат; лепрозни се очистуваат, глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедни им се проповеда Евангелието; и блажен е оној кој не ќе се соблазни поради Мене.“
А кога си отидоа учениците Јованови, Тој почна да му зборува на народот за Јован: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветар? Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што се облекуваат убаво и живеат богато, по царски палати се. Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, Јас ви велам, и повеќе од пророк. Овој е, за кого што е напишано: ‚Ете, јас го испраќам пред лицето Твое ангелот Мој, што ќе го приготви патот Твој пред Тебе.‘ Зашто ви велам: меѓу родените од жена нема ниеден поголем пророк од Јован Крстител; но најмалиот во царството Божјо е поголем од него.“ И сите луѓе, што слушаа, па и цариниците, ја познаа Божјата праведност, крштавајќи се со крштавањето Јованово; а фарисеите и закониците ја отфрлија Божјата волја за нив, и не се крстија од него.