Еднаш во сабота, додека минуваше низ посевите, учениците Негови кинеа класје и, триејќи ги со раце, јадеа. А некои од фарисеите им рекоа: „Зошто го правите тоа што не е допуштено да се прави во сабота?“ Исус им одговори и рече: „Зар не сте читале што направи Давид кога огладне, тој и оние што беа со него? Како влезе во домот Божји, ги зеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде никој освен свештениците, па јадеше, и им даде на оние што беа со него!“ И им рече: „Синот Човечки е господар и на саботата.“
Подоцна, пак, и другата сабота влезе во синагогата и поучуваше; а таму имаше еден човек, кому десната рака му беше исушена. Книжниците и фарисеите внимаваа на Него, дали ќе го излекува во сабота, за да најдат причина да Го обвинат. Но Тој, знаејќи ги нивните помисли, му рече на човекот со исушената рака: „Дигни се и застани насреде!“ И тој се дигна и застана. Тогаш им рече Исус: „Ќе ве запрашам: што е дозволено да прави човек во сабота – добро или зло? Да спаси една душа или да ја погуби?“ А тие молчеа. Па, откако ги изгледа сите, му рече на човекот: „Протегни ја раката своја!“ Тој направи така; и раката му стана здрава како другата. А тие се разгневија многу и се советуваа меѓу себе што да Му направат на Исус.
Тие денови се искачи на една гора за да се помоли, и ја помина целата ноќ во молитва кон Бога. А кога настана ден, ги повика учениците Свои и од нив избра дванаесет, кои ги нарече апостоли: Симон, кому што му даде име Петар, и брат му Андреј, Јаков и Јован, Филип и Вартоломеј, Матеј и Тома, Јаков Алфеев и Симон, наречен Зилот. Јуда Јаковов и Јуда Искариот, кој Го предаде.
Па откако слезе заедно со нив, Тој се задржа на едно рамно место; беа таму и мнозина Негови ученици и многу луѓе од цела Јудеја и Ерусалим и од приморјето Тирско и Сидонско. Тие беа дојдени да Го слушаат и да се исцелат од болестите свои, а и оние што страдаа од нечисти духови беа излечени. И сиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите.
А Тој, откако ги подигна очите кон учениците Свои, им говореше: „Блажени сте вие, сиромашните, зашто ваше е царството Божјо! Блажени сте вие, што сега гладувате, зашто ќе се наситите! Блажени сте вие, кои сега плачете, зашто ќе се смеете! Блажени ќе бидете кога ќе ве намразат луѓето и ќе ве отфрлат и ќе ви нанесат срам, и ќе го разгласат името ваше како лошо, заради Синот Човечки! Зарадувајте се во оној ден и заиграјте од радост, зашто голема е наградата ваша на небото. Зашто и нивните татковци така постапуваа со пророците! Но тешко вам богати, зашто веќе сте ја примиле својата утеха! Тешко вам презаситени сега, зашто ќе огладните! Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете! Тешко вам кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто и нивните татковци така им правеа на лажните пророци!