Еднаш, кога народот се притискаше кон Него за да го чуе словото Божјо, Тој стоеше покрај Генисаретското езеро. Тогаш виде два кораба што стоеја покрај езерото; а рибарите беа излегле од нив и си ги плавеа мрежите. Тој влезе во еден од корабите, кој беше на Симон, па го замоли да отплови малку од брегот, па седна и почна да го поучува народот од коработ. А штом престана да говори, му рече на Симон: „Заплови кон длабочините и фрлете ги мрежите свои за лов!“ Но Симон Му одговори и рече: „Учителе, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата.“ И штом го направи тоа, тие уловија толку големо количество риба, што дури и мрежата им се скина. Им дадоа знак на другарите што беа во другиот кораб да дојдат и да им помогнат; и тие дојдоа и ги наполнија и двата кораба, така што за малку ќе потонеа. А кога го виде тоа, Симон Петар падна пред нозете Исусови и Му рече: „Оди си од мене, Господи, зашто сум грешен човек!“ Зашто него, и сите што беа со него, ги беше обзел страв од многуте риби, што ги уловија, а исто така и Јаков и Јован, синовите Заведееви, кои му беа другари на Симон. И му рече Исус на Симон: „Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе!“ Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сѐ и тргнаа по Него.
А кога беше Исус во еден град, дојде некој човек, сиот лепрозен, и штом Го виде Исус, падна ничкум и молејќи Му се, рече: „Господи, ако сакаш можеш да ме очистиш.“ Исус, подавајќи ја раката, го допре и рече: „Сакам, очисти се!“ И веднаш лепрата падна од него. И му заповеда никому да не кажува; и му рече: „Оди и покажи му се на свештеникот, и принеси дар за очистувањето твое, како што одредил Мојсеј, ним за сведоштво!“ Но уште повеќе се разнесуваше глас за Него и многу луѓе доаѓаа да Го слушаат и да бидат излечени од своите болести. А Тој се повлекуваше во осамени места и се молеше.