Еден од распнатите злосторници хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси се Себе Самиот и нас!“ А другиот, кога одговори, го искара и рече: „Зар и од Бога не се плашиш, кога си веќе и сам осуден? Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Тој ништо лошо не направил.“ И Му рече на Исус: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!“ А Исус му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!“
А беше веќе околу шестиот час и настана мрак по целата земја, до деветтиот час; и сонцето потемне, и завесата на храмот се расцепи преку средината. А Исус извика гласно и рече: „Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!“ И штом го рече тоа, издивна. Стотникот, пак, кога виде што стана, Го прослави Бога и рече: „Навистина Овој Човек бил праведник!“ И сиот народ што беше се собрал да гледа, кога виде што стана, се враќаше удирајќи се в гради. А сите Негови познати, и жените, што Го следеа од Галилеја, стоеја подалеку и го гледаа тоа.
А ете, се најде и човек по име Јосиф, член на советот, добар и праведен човек. Тој не ја одобри одлуката на советот и делата нивни. Беше од јудејскиот град Ариматеја. А и самиот го очекуваше царството Божјо. Па така тој отиде кај Пилат и го измоли телото Исусово; па Го симна и обви во платно, Го положи во гроб издлабен во камен, во кој уште никој не беше положен. Тој ден беше петок, и саботата веќе настапуваше. По него одеа и жените, што беа дошле со Исус од Галилеја, и го видоа гробот и полагањето на телото Негово. А потоа се вратија, приготвија мириси и миро, а во саботата одмараа според заповедта.