И рече Господ: „Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пченица; но Јас се молев за тебе за да не се изгуби твојата вера; а ти кога еднаш ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!“ А тој Му одговори: „Господи, готов сум да одам со Тебе и в затвор, и во смрт.“ Но Тој му рече: „Ти велам, Петре, уште пред да запее денес петелот, ти трипати ќе потврдиш дека не Ме познаваш.“
Па им рече: „Кога ве праќав без ќесе, и без торба, и без обувки, дали ви недостасуваше нешто?“ Тие одговорија: „Ништо.“ И им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си ја продаде облеката и нека си купи нож; зашто, ви велам, на Мене треба да се исполни и ова од Писмото: ‚И меѓу злосторници Го вброија.‘ Зашто она што се однесува за Мене, се исполнува.“ А тие рекоа: „Господи, еве овде има два ножа.“ Тој им одговори: „Доволни се.“
И кога излезе, тргна, како обично, кон Маслиновата Гора; по Него одеа и учениците Негови. А штом дојде на тоа место, им рече: „Молете се за да не паднете во искушение!“ И Тој се одвои од нив, колку камен што може да се фрли, па ги преклони колената и се молеше, велејќи: „Оче, кога би сакал да ја тргнеш оваа чаша од Мене! Но нека не биде мојата волја, туку Твојата!“ И му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше. Па, бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата. Штом стана од молитвата, дојде кај учениците Свои и ги најде заспани од тага. И им рече: „Зошто спиете? Станете и молете Му се на Бога за да не паднете во искушение!“
И уште додека Тој зборуваше, ете, се појави мноштво луѓе заедно со еден од Дванаесетте, наречен Јуда, кој се приближи до Исус да Го целива. (Зашто таков знак им беше дал: „Кого ќе Го целивам, Тој е.“) А Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“ Оние, пак, што беа со Него, кога видоа што ќе стане, Му рекоа: „Господи, да удриме ли со нож?“ И еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. А Исус одговори и рече: „Оставете го тоа, запрете!“ Па го допре увото негово и го исцели. А на првосвештениците и храмовните управници и на старешините, што беа дошле против Него, Исус им рече: „Како на разбојник ли сте излегле со ножеви и колови за да Ме фатите? Секој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашето време и власта на мракот.“