Се приближуваше празникот Бесквасници, наречен Пасха; а првосвештениците и книжниците бараа начин како да Го погубат, зашто се плашеа од народот. И влезе сатаната во Јуда, наречен Искариот, кој беше вброен меѓу Дванаесетте. И кога отиде, се договори со првосвештениците и началниците, како да им Го предаде. Тие се зарадуваа и се спогодија со него да му дадат сребреници. Тој вети и бараше згоден час, да им Го предаде без знаење на народот.
Дојде денот Бесквасници, кога требаше да се заколе пасхалното јагне; па ги испрати Исус Петар и Јован и им рече: „Одете и пригответе ни пасха, за да јадеме!“ А тие Му рекоа: „Каде сакаш да приготвиме?“ Тој им рече: „Ете, кога ќе влезете в град, ќе ве сретне човек со стомна вода; одете по него во куќата, каде што ќе влезе, и кажете му на домаќинот од куќата: ‚Учителот ти вели: каде е собата, во која треба да јадам пасха со учениците Свои?‘ И тој ќе ви покаже голема одаја, послана; таму пригответе.“ Кога отидоа, најдоа како што им беше рекол и ја приготвија пасхата.
А кога дојде времето, Тој седна на трпезата заедно со апостолите. И им рече: „Од сѐ срце сакав да ја јадам оваа пасхална вечера со вас, пред да пострадам; зашто, ви велам: нема веќе да јадам од неа, додека не се исполни во царството Божјо.“ Тогаш ја зеде чашата, заблагодари и рече: „Земете и разделете ја меѓу себе, зашто отсега нема повеќе да пијам од лозовиот плод, додека не дојде царството Божјо.“ Потоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде, велејќи: „Ова е Моето тело, што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!“ Исто така и со чашата, по вечерата, велејќи: „Оваа чаша е Новиот завет со Мојата крв, која се пролева за вас.
Но, ете, раката на оној што Ме предава е со Мене на трпезава. Синот Човечки, пак, заминува, според она што е определено, но тешко му на оној човек, што ќе Го предаде.“ И почнаа да се прашуваат меѓу себе, кој ли ќе е од нив што ќе го направи тоа?
А се појави меѓу нив и расправија, кој од нив да се смета за поголем. Но Тој им рече: „Царевите владеат над народите, а оние што управуваат над нив се викаат добротвори. Вие, пак, немојте така; но поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот и тој, што е старешина, да биде како слуга. Зашто кој е поголем, тој што седи на трпеза, или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А Јас сум меѓу вас како слуга. Но вие сте оние што издржавте со Мене во Моите напасти, и Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство, за да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израелови колена.“