Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 21:5-38

Лука 21:5-38 MK2006

И додека некои зборуваа за храмот, дека е украсен со убави камења и заветни дарови, Тој им рече: „Ќе дојде време и од сето ова што го гледате нема да остане ни камен, што не ќе биде урнат.“ И Го прашаа, говорејќи: „Учителе, а кога ќе биде тоа и каков е знакот дека тоа почнува да се случува?“ Тој рече: „Внимавајте да не ве прелажат! Зашто мнозина ќе дојдат под Мое име и ќе зборуваат дека сум Јас, и дека времето се приближи. Но, не одете по нив! А кога ќе чуете за војни и бунтови, не плашете се; сето тоа треба најнапред да се случи, но крајот нема да дојде вед­наш.“ Тогаш им рече: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство; а на некои места ќе има и големи потреси, и глад и помор; ќе има страотни појави и големи знаци на небото. А пред сето тоа ќе стават раце на вас и ќе ве изгонат, предавајќи ве во синагогите и затворите, и ќе ве водат пред цареви и управници, заради Моето име. И тоа ќе ви биде вам прилика за сведоштво. И затоа врежете во вашите срца, да не размислувате однапред што ќе од­го­ворите, зашто Јас ќе ви дадам уста и муд­рост, на која не ќе можат да ѝ против­речат ниту да ѝ се противстават сите ваши противници. Ќе бидете предадени исто така и од родители, и од браќа, и од роднини и од пријатели, а некои од вас ќе бидат и убиени; и ќе бидете намразени од сите, заради Моето име. Но, ни влакно од главата ваша нема да загине; со трпение ќе си ги придобиете ду­шите.“ „А кога ќе го видите Ерусалим оп­колен од војски, знајте дека е блиску неговото запустување. Тогаш, оние што се наоѓаат во Ју­де­ја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него, зашто тоа е времето на одмазда, во кое ќе се исполни сѐ што е напишано. Но тешко на бремените и доилките во тие дни, зашто голема мака ќе има по земјата, и гнев врз овој народ; и ќе паднат од сечилото на мечот, и ќе бидат одведени во плен меѓу сите на­роди; а Ерусалим ќе го газат незна­бош­ци, сѐ додека не се исполнат времињата на незнабошците.“ „И ќе има знаци на сонцето, и на месечината и на ѕвездите, а на земјата – тага кај народите од неизвесноста и од бучењето на морето, и од брановите; луѓето, пак, ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и силите небесни ќе бидат разнишани. И тогаш ќе Го видат Синот Чо­веч­ки како доаѓа на облаци, со голема сила и слава. А кога ќе почне тоа да станува, ис­правете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето избавување.“ И им ја кажа оваа парабола: „Пог­леднете ја смоквата и сите дрвја; кога ќе видите дека потеруваат, са­ми знаете дека летото е веќе близу. Па така, кога ќе видите дека станува ова, знајте дека се приближи цар­ството Божјо. Вистина ви велам, нема да помине овој род, додека не се исполни сето тоа. Небото и земјата ќе поминат, но зборовите Мои нема да поминат.“ „Само пазете се: вашите срца да не бидат натежнати од прејадување и пијанство, и тегобни грижи за овој жи­вот, за да не ве затекне оној ден ненадејно; зашто тој ќе дојде како стапица за сите што живеат по целата земја; бидете будни во секое време и мо­ле­те се, за да го избегнете сето она што треба да се случи и да застанете пред Си­нот Човечки!“ Дење проповедаше Тој во храмот, а ноќе излегуваше и ноќеваше во гората наречена Маслинова. И сиот народ доаѓаше наутро кај Него во храмот, за да Го слуша.