Кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаат своите прилози во касата на храмот. Виде исто така и една бедна вдовица, која пушти таму две лепти, па рече: „Вистина ви велам, оваа бедна вдовица од сите повеќе приложи; сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок; таа, пак, пушти од својата немаштија – сиот имот што го имаше.“
И додека некои зборуваа за храмот, дека е украсен со убави камења и заветни дарови, Тој им рече: „Ќе дојде време и од сето ова што го гледате нема да остане ни камен, што не ќе биде урнат.“
И Го прашаа, говорејќи: „Учителе, а кога ќе биде тоа и каков е знакот дека тоа почнува да се случува?“ Тој рече: „Внимавајте да не ве прелажат! Зашто мнозина ќе дојдат под Мое име и ќе зборуваат дека сум Јас, и дека времето се приближи. Но, не одете по нив! А кога ќе чуете за војни и бунтови, не плашете се; сето тоа треба најнапред да се случи, но крајот нема да дојде веднаш.“ Тогаш им рече: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство; а на некои места ќе има и големи потреси, и глад и помор; ќе има страотни појави и големи знаци на небото.
А пред сето тоа ќе стават раце на вас и ќе ве изгонат, предавајќи ве во синагогите и затворите, и ќе ве водат пред цареви и управници, заради Моето име. И тоа ќе ви биде вам прилика за сведоштво. И затоа врежете во вашите срца, да не размислувате однапред што ќе одговорите, зашто Јас ќе ви дадам уста и мудрост, на која не ќе можат да ѝ противречат ниту да ѝ се противстават сите ваши противници. Ќе бидете предадени исто така и од родители, и од браќа, и од роднини и од пријатели, а некои од вас ќе бидат и убиени; и ќе бидете намразени од сите, заради Моето име. Но, ни влакно од главата ваша нема да загине; со трпение ќе си ги придобиете душите.“