Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 18:1-30

Лука 18:1-30 MK2006

Им кажа и една парабола за тоа како е потребно секогаш да се молат и да не паѓаат со духот. И рече: „Во некој град си беше еден судија, кој од Бога не се плашеше, ниту од луѓето се срамуваше. Во истиот град живееше една вдовица и доаѓаше кај него, велејќи: ‚Заш­тити ме од мојот противник!‘ Но тој за долго време не сакаше. Најпосле си рече во себе: ‚Иако од Бога не се плашам и од луѓето не се срамувам, но, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа по­веќе и да не ми додева.‘“ И рече Господ: „Чујте што зборува несправедливиот судија! Зарем Бог нема да ги одбрани Сво­и­те избраници, што викаат кон Него де­ње и ноќе; макар и да забави? Ви велам, ќе ги одбрани набргу. Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ А на оние што беа уверени во себе дека се праведни и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола: „Два човека влегоа во храм да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник. Кога застанаа, фарисејот вака се молеше во себе: ‚Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе; разбојници, несправедливи, прељубници, или како овој цариник. Постам двапати во седмицата, да­вам десеток од сѐ што ќе стекнам.‘ А цариникот стоеше одда­леку; не смееше дури и очите да ги по­дигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ‚Боже, биди милостив спрема мене грешниот!‘ Ви велам: тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној, зашто секој што самиот себе се возвишува, ќе биде понизен, а кој се понизува себе самиот, ќе биде возвишен.“ Кај Него донесуваа и мали деца за да ги допре; а учениците, штом ќе видеа, им забрануваа. Но тогаш Исус ги повика и им ре­че: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене, и не ги спречувајте, зашто на таквите им припаѓа царството Божјо! Вистина ви велам: кој нема да го прими царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.“ И Го праша еден управник, велејќи: „Учителе добар, што да направам за да наследам живот вечен?“ А Исус му рече: „Зошто Ме на­ре­куваш добар? Никој не е добар, освен Единиот Бог. Ги знаеш заповедите: не прави прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татко си и мајка си.“ А тој рече: „Сето тоа сум го за­па­зил уште од младоста своја.“ Штом го слушна тоа, Исус, му рече: „Уште едно само ти недостасува: продај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш ризница на небото; потоа дојди и врви по Мене!“ А тој, кога го слушна тоа, многу се нажали, зашто беше многу богат. Штом виде дека тој се растажи, Исус рече: „Колку е тешко во царството Божјо да влезат оние што имаат бо­гатство! Полесно ѝ е на камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во царството Божјо.“ Оние што го чуја тоа, рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“ А Тој одговори: „Неможното за лу­ѓето е можно за Бога.“ Петар, пак, рече: „Ете, ние оставив­ме сѐ и тргнавме по Тебе.“ Тој им рече: „Вистина ви велам де­ка секој што оставил куќа или ро­ди­те­ли, или браќа, или сестри, или жена, или деца, заради царството Божјо, добил многу повеќе од тоа уште се­га, во ова време, а во идниот век – и живот вечен.“