Во истото време беа присутни и некои, кои Го известија за настанот со Галилејците, чија крв Пилат ја смешал со нивните жртви. Исус им одговори и рече: „Мислите ли дека тие Галилејци биле најголемите грешници од сите Галилејци, па затоа така пострадаа? Не, ви велам: но, ако не се покаете, сите така ќе изгинете! Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа највиновни должници од сите други што живеат во Ерусалим? Не, ви велам: но ако не се покаете, сите така ќе изгинете.“
И ја кажа оваа парабола: „Некој човек имаше во своето лозје посадено една смоква, па дојде да бара од неа плод, но не најде. Тогаш му рече на лозарот: ‚Ете, три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; зошто само да ја испостува земјата.‘ А тој му одговори и рече: ‚Господаре, остави ја и оваа година, додека да ја опкопам и ѝ ставам ѓубре; па, ако роди, добро, а ако не даде плод, тогаш в година ќе ја пресечеш.‘“
Во една од синагогите Тој поучуваше во сабота. И ете, дојде една жена која беше обземена од дух што ѝ предизвикуваше немоќ веќе осумнаесет години. Таа беше згрчена и никако не можеше да се исправи; штом ја виде Исус, ја повика и ѝ рече: „Жено, ослободена си од болеста своја.“ И ги стави рацете Свои врз неа; и таа веднаш стана и Го славеше Бога. А началникот на синагогата, негодувајќи што ја излекува Исус во сабота, одговори и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи; тогаш доаѓајте и лекувајте се, а не во сабота!“ Но Господ му одговори и рече: „Лицемере, не го одврзува ли секој својот вол, или магаре, од јаслите во сабота и не го води ли да го напои? А оваа ќерка Авраамова, што ја врзал сатаната еве веќе осумнаесет години, зарем не требаше да се ослободи од тие ланци во сабота?“ И штом го рече ова, сите што беа против Него се засрамија; и целиот народ се радуваше за сите славни дела извршени од Него.