Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 1:57-80

Лука 1:57-80 MK2006

А на Елисавета ѝ дојде времето да роди и таа роди син. Кога слушнаа оние што живееја околу, и роднините нејзини, дека ја удостоил Господ со Својата милост, се радуваа со неа. На осмиот ден дојдоа да го обрезат новороденчето и сакаа да му го дадат името на татко му Захарија. Но мајка му одговори и рече: „Не, туку ќе се вика Јован!“ Ѝ рекоа нејзе: „Никој нема меѓу твоите роднини кој го носи тоа име.“ И го прашаа со знаци татко му, ка­ко би сакал да го наречат. Тој побара штичка и ги напиша збо­ровите: „Јован му е името.“ И сите се зачудија. И уште во истиот миг му се отвори устата и му се одврза јазикот негов, и зборуваше, благословувајќи Го Бога. И ги обзеде страв сите што живееја околу; и прикажуваа за сето тоа по целиот крај Јудејски. Сите што слушнаа, го зедоа тоа при срце и велеа: „Што ли ќе стане од тоа дете?“ И раката Господова беше со не­го. А Захарија, татко му, се исполни со Дух Свети и пророкуваше, говорејќи: „Благословен да е Господ, Бог Из­раелов, зашто го посети и го избави на­родот Свој; и подигна за нас моќно спасение, во домот на Давид, Својот слуга; како што говореше одамна преку устата на Своите свети пророци, дека ќе нѐ избави од непријателите наши и од рацете на сите што нѐ мра­зат; за да ја пројави Својата милост над татковците наши и да се сети на светиот завет Свој, на заклетвата, со која му се заколна на Авраам, нашиот татко; дека ќе ни даде, штом нѐ избави од непријателите наши, без страв да Му служиме, во светост и правда пред Него, преку целиот наш живот. А ти, дете, ќе се на­ре­чеш пророк на Севишниот, зашто ќе одиш пред Го­спо­довото лице за да Му ги приготвиш патиштата Негови; и да му дадеш на народот Негов сознание за спасение, преку прош­те­ва­ње на гревовите нивни, заради големото милосрдие на на­шиот Бог, со која нѐ посети Исток од висините, за да им блесне на оние што седат во темнина и во сенка смртна, и да ги упати нозете наши по патот на мирот.“ А детето растеше и крепнеше со духот; и живееше во пустина до денот кога им се јави на Израелците.