Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Лука 1:39-80

Лука 1:39-80 MK2006

А Марија стана во тие дни и поита во ридскиот крај, во градот Јудин; па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета. Штом го слушна Елисавета поздра­вот на Марија, заигра детето во утробата нејзина; и Елисавета се исполни со Дух Свети, па извика гласно и рече: „Бла­го­сло­вена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! И од каде за мене ова, кај мене да дојде мајката на мојот Господ? Зашто, ете, штом гласот од твојот поздрав одекна во ушите мои, од радост ми заигра детето во утробата моја. И блажена е таа која поверува, заш­то ќе се исполни она, што ѝ рекол Гос­под.“ И рече Марија: „Мојата душа Го ве­лича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, зашто ја погледа смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме нарекуваат блажена сите по­ко­ле­нија; зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име; и милоста Негова е од колено на ко­лено за оние што се бојат од Него. Тој покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние што се возгордеаја со мислите во срцата свои; ги симна силните од престоли и ги воздигна понижените; гладните ги исполни со добра, а бо­гатите ги отпушти празни; го прифати Израел, Својот слуга, сеќавајќи се на милоста, како што им зборуваше на тат­ков­ците наши, на Авраам и на семето негово довека.“ И остана Марија со неа околу три месеци, па се врати дома. А на Елисавета ѝ дојде времето да роди и таа роди син. Кога слушнаа оние што живееја околу, и роднините нејзини, дека ја удостоил Господ со Својата милост, се радуваа со неа. На осмиот ден дојдоа да го обрезат новороденчето и сакаа да му го дадат името на татко му Захарија. Но мајка му одговори и рече: „Не, туку ќе се вика Јован!“ Ѝ рекоа нејзе: „Никој нема меѓу твоите роднини кој го носи тоа име.“ И го прашаа со знаци татко му, ка­ко би сакал да го наречат. Тој побара штичка и ги напиша збо­ровите: „Јован му е името.“ И сите се зачудија. И уште во истиот миг му се отвори устата и му се одврза јазикот негов, и зборуваше, благословувајќи Го Бога. И ги обзеде страв сите што живееја околу; и прикажуваа за сето тоа по целиот крај Јудејски. Сите што слушнаа, го зедоа тоа при срце и велеа: „Што ли ќе стане од тоа дете?“ И раката Господова беше со не­го. А Захарија, татко му, се исполни со Дух Свети и пророкуваше, говорејќи: „Благословен да е Господ, Бог Из­раелов, зашто го посети и го избави на­родот Свој; и подигна за нас моќно спасение, во домот на Давид, Својот слуга; како што говореше одамна преку устата на Своите свети пророци, дека ќе нѐ избави од непријателите наши и од рацете на сите што нѐ мра­зат; за да ја пројави Својата милост над татковците наши и да се сети на светиот завет Свој, на заклетвата, со која му се заколна на Авраам, нашиот татко; дека ќе ни даде, штом нѐ избави од непријателите наши, без страв да Му служиме, во светост и правда пред Него, преку целиот наш живот. А ти, дете, ќе се на­ре­чеш пророк на Севишниот, зашто ќе одиш пред Го­спо­довото лице за да Му ги приготвиш патиштата Негови; и да му дадеш на народот Негов сознание за спасение, преку прош­те­ва­ње на гревовите нивни, заради големото милосрдие на на­шиот Бог, со која нѐ посети Исток од висините, за да им блесне на оние што седат во темнина и во сенка смртна, и да ги упати нозете наши по патот на мирот.“ А детето растеше и крепнеше со духот; и живееше во пустина до денот кога им се јави на Израелците.