Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Левитска 19:1-18

Левитска 19:1-18 MK2006

И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Кажи му на целото општество на синовите на Израел и речи им: бидете свети, затоа што сум свет Јас, Господ, вашиот Бог. Секој да ги почитува таткото свој и мајката своја и да ги запазува Моите саботи. Јас сум Господ, вашиот Бог. Не одете по идоли, и излеани богови не правете си. Јас сум Господ, вашиот Бог. Кога Му принесувате на Господ жртва за мир, принесувајте ја за да биде примена. Таа треба да се јаде во денот, кога ја принесувате, и вториот ден, а она што ќе остане во третиот ден, да се изгори на оган. Ако некој ја јаде во третиот ден, тоа е одвратно и жртвата нема да се прими. Оној што ќе ја јаде, ќе навлече врз себе грев, бидејќи го осквернил она што Му е свето на Господ; секој таков човек ќе биде истребен од народот свој. Кога ја собирате жетвата од земјата своја, не ја жнеј нивата своја докрај, и паднатите класја од жетвата своја не собирај ги. А и лозјето свое не собирај го до зрно, и паднатите зрна од брањето не собирај ги; остави го тоа за сиромавиот и придојдениот. Јас сум Господ, вашиот Бог. Не крадете, не лажете и не мамете го ближниот свој. Не колнете се лажно во Моето име, не осквернувајте го името на вашиот Бог; Јас сум Господ. Не притеснувај го и не ограбувај го ближниот свој. Надницата на наемникот твој не смее да остане кај тебе до утредента. Не навредувај глув човек и пред слеп не ставај ништо, од кое може да се сопне; имај страв од твојот Бог. Јас сум Господ. Не прави неправда кога судиш: не биди пристрасен спрема сиромавиот и не угодувај му на големецот; суди му на ближниот свој по правда. Не шири лага меѓу народот свој и не посегнувај врз животот на ближниот свој. Јас сум Господ. Во срцето свое не мрази го братот твој; изобличи го ближниот свој и нема да ти се прими за грев поради тоа. Да не се одмаздува раката твоја и не биди им непријател на синовите од на­родот твој, туку сакај го ближниот свој како самиот себе. Јас сум Господ.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност