И му зборуваше Господ на Мојсеј по смртта на двајцата Аронови синови, кога тие, откако принесоа пред Господ, умреа; и му рече Господ на Мојсеј: „Кажи му на братот твој Арон да не влегува во светилиштето зад завесата во секое време пред очистилиштето, што е врз ковчегот, за да не умре, бидејќи Јас ќе се јавувам над очистилиштето во облак. Еве со што да влегува Арон во светилиштето: со теле како жртва за грев и со овен – за сепаленица. Тој треба да го облекува осветениот ленен хитон, на долната половина од телото свое да има ленена облека и да се опашува со ленен појас, и ленен кидар да става – тоа се свети облеки; прво треба да го измие целото свое тело со вода и потоа да ги облекува. И од заедницата на синовите израелски да земе Арон два козела како жртва за грев и еден овен – за сепаленица. Потоа Арон да приведе теле како жртва за грев за себе, и така ќе се направи чист – себеси и домот свој, па ќе ги земе двата козела и ќе ги постави кај вратата од скинијата на собранието, пред лицето Господово. И тогаш Арон ќе фрли ждрепка за двата козела: една ждрепка за Господ, а другата за отпуштање. И да го доведе Арон козелот на кој паднала ждрепката за Господ, и да го принесе како жртва за грев; а козелот на кој паднала ждрепката за отпуштање, да го постави жив пред Господ, за да изврши над него обред за очистување и да го пушти во пустината за отпуштање. Потоа Арон да го приведе телето како жртва за грев за себе, и ќе се очисти самиот и домот негов; и да го принесе како жртва поради гревот свој. А потоа да земе кадилница, полна со разгорен јаглен од жртвеникот, што е пред Господ, и да ги наполни рацете со иситнето миризливо кадиво, и тоа да го внесе зад завесата; и да го стави кадивото врз огнот пред Господ; и димот од кадивото ќе го покрие очистилиштето, што е над ковчегот на заветот, за да не умре. И ќе земе од крвта на телето и со прст ќе го попрска однапред очистилиштето и пред него; седумпати да попрска од крвта со прстот свој пред очистилиштето. Тогаш да го заколе козелот како жртва поради грев за народот, и да внесе од крвта негова зад завесата, и со неа да направи исто како што направи со крвта од телето, и да попрска врз очистилиштето и спрема очистилиштето, и да го очисти светилиштето од нечистотиите на синовите израелски и нивните престапи во сите нивни гревови. Така треба да постапи тој и со скинијата на собранието, која е меѓу нив, среде нечистотиите нивни. Кога ќе влезе тој за да го очисти светилиштето, и сѐ додека не излезе, никој да нема во скинијата. И така ќе се очисти самиот себе, својот дом и сиот израелски народ. Потоа ќе пристапи пред жртвеникот, што е пред Господ, и ќе го очисти и ќе земе од крвта на телето и од крвта на козелот, и ќе ги помаже роговите на жртвеникот од сите страни, и ќе го попрска со прстот свој од крвта седумпати, за да го очисти и освети од нечистотиите на синовите израелски. Па, откако ќе ги очисти светилиштето, скинијата на собранието и жртвеникот, ќе го приведе живиот козел. Потоа да ги положи Арон двете свои раце врз главата на живиот козел, да ги исповеда над него сите беззаконија на синовите израелски, и сите нивни престапи, и сите нивни гревови, и да ги стави врз главата на живиот козел, и да го пушти преку раката на определен човек во пустината; и козелот ќе ги понесе врз себе сите нивни беззаконија во непроодна земја; и да го пушти козелот во пустината. Тогаш Арон да влезе во скинијата на собранието, да ги соблече ленените одежди, во кои беше облечен при влегувањето во светилиштето, и таму да ги остави, и да го измие телото свое со вода на свето место, да ги облече своите алишта, па, штом ќе излезе, да принесе една сепаленица за себеси и една за сиот народ, и ќе се очисти себеси и сиот народ. Лојот пак од жртвата за грев да го запали врз жртвеникот. А оној, кој ќе го одведе козелот за отпуштање, да ја испере облеката своја, да го измие телото свое со вода, и потоа може да влезе во населбата. А телето за грев и козелот за грев, чија крв се внесува во светилиштето за очистување, да ги изнесат надвор од населбата, и да ги изгорат на оган кожите нивни, месото нивно и нечистотиите нивни; оној, пак, што ќе ги пали, да ги испере алиштата свои и да го измие телото свое со вода, и тогаш ќе може да влезе во населбата. И тоа да ви биде вечен закон: во седмиот месец, на десетиот ден од месецот, смирувајте ги душите ваши, и никакава работа да не вршите, ни вие, нити придојдените, населени меѓу вас, зашто во тој ден ве очистуваат, за да ве очистат од сите ваши гревови, и да бидете чисти пред лицето Господово; тоа да биде сабота над саботите; смирувајте ги душите ваши – тоа ќе биде вечен закон. Очистувањето да го извршува оној свештеник кој ќе биде помазан и посветен да свештенодејствува место татко си: нека облекува ленена облека, облека света; и да ги очисти Светињата над светињите и скинијата на собранието, и жртвеникот да го очисти, и свештениците, и сиот собран народ. Ова да биде за вас вечен закон: да се извршува обредот очистување над синовите израелски еднаш годишно поради сите нивни гревови.“ И тој направи така, како што му заповеда Господ на Мојсеј.