Згрешија луѓето и ја прекршија Мојата заповед, што им ја дадов; украдоа од проколнатото, и го сокрија меѓу своите предмети; затоа синовите Израелови не можат да издржат пред непријателите свои и им свртеа грб, бидејќи тие потпаднаа под клетвата; нема да бидам веќе со вас, ако не го отстраните од вас проколнатото. Стани, освети го народот и кажи: Осветете се за утре, бидејќи така вели Господ, Бог Израелов: Проколнатото е во тебе, Израеле; затоа ти не ќе можеш да издржиш пред непријателите свои, додека не го отстраниш од себе проклетството. Соберете се утре според племињата свои; племето, пак, што ќе го покаже Господ, нека мине по родовите; и родот, што ќе го покаже Господ, нека мине по домовите што ќе ги покаже Господ, и нека мине човек по човек; кој ќе биде фатен дека украл од проколнатото, со оган нека се изгори тој и сѐ што е негово, затоа што ја прекршил заповедта на Господ и направил престап среде Израел.“ Откако стана утредента рано, Исус ги преведе луѓето според племињата свои, и беше посочено на Јудиното племе; потоа заповеда да минат родовите на Јуда, и беше посочен родот на Зерах; му заповеда на Зераховиот род да мине според домовите, и беше посочен домот на Завдиј. Му заповеда на домот негов да мине човек по човек, и беше покажан Ахан, синот на Карми, син на Завдиј, Зерахов син, од Јудиното племе. Тогаш Исус му рече на Ахан: „Синко, прослави Го Господ, Бог Израелов, исповедај се пред Него и кажи ми, што си направил; не криј од мене.“ Ахан му одговори на Исус и рече: „Навистина, јас згрешив пред Господ, Бог Израелов, и го направив ова: меѓу запленетите предмети видов една убава облека од Сенаар и двесте шекели сребро и една златна шипка, со вредност од педесет шекели; тоа ми се допадна и јас го зедов; и, ете, тоа е закопано во земјата среде мојот шатор, а среброто е под него.“ Исус испрати луѓе, и тие отидоа во неговиот шатор; и ете, сето тоа беше сокриено во неговиот шатор, и среброто под него. Тие го изнесоа тоа од шаторот, го донесоа кај Исус и кај старешините Израелови и го ставија пред Господ. Тогаш Исус и сите Израелци со него, го зедоа Зераховиот син Ахан, среброто, облеката, и златната шипка, неговите синови и неговите ќерки, неговите волови и неговите магариња, овците негови и неговиот шатор, и сѐ што беше негово, и го одведоа во долината Ахор. И рече Исус: „Затоа што некои од нас истреби, Господ ќе те истреби денес тебе.“ И сите Израелци го убија со камења – него и сите негови блиски, ги изгореа не само нив, туку и сѐ што имаа со оган, и нафрлаа врз нив камења. И нафрлаа врз него голема грамада камења, која остана сѐ до ден-денес. Потоа стивна силата од гневот на Господ. Поради тоа, она место и денес се вика „Долината Ахор“.