Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исус Навин 2:12-21

Исус Навин 2:12-21 MK2006

И така, заколнете ми се во Господ дека, како што јас ви покажав милост, така и вие ќе бидете милостиви кон домот на мојот татко, и дајте ми верен знак: оставете ги живи во домот на татко ми и мајка ми, браќата мои и сестрите мои, и сите што се во него, и спасете ги душите наши од смрт.“ А луѓето ѝ рекоа: „Нашата душа да биде предадена на смрт наместо вашата, само да не нѐ предадеш. А кога Господ ни ја предаде оваа земја, ќе постапиме со тебе со милост и добрина.“ И таа ги спушти по јаже низ прозорецот, бидејќи куќата ѝ беше во градските ѕидини и таму таа живееше; и им рече: „Одете сега во планината, за да не ве сретнат гонителите, и кријте се таму три дена, додека да се врати потерата што тргна по вас, а потоа одете си по вашиот пат.“ А луѓето ѝ рекоа: „Ние ќе бидеме ослободени од клетвата твоја, со која нѐ заколна ако не постапиш вака: ете, кога ќе дојдеме во овој дел од градот, ова црвено јаже обеси го на прозорецот, низ кој нѐ спушти, и прибери ги во куќата кај себе твојот татко, твојата мајка и твоите браќа и целиот татков дом; и ако некој излезе надвор од вратата на твојата куќа, самиот нека си биде виновен, а ние ќе бидеме ослободени од оваа твоја клетва; а за сите што ќе бидат со тебе во куќата твоја, крвта нивна нека биде врз главите наши, ако некоја рака се допре до нив; ако, пак, некој ги открие овие наши зборови, ние исто така ќе бидеме ослободени од твојата клетва, со која нѐ заколна.“ Таа одговори: „Нека биде според зборовите ваши!“ И ги пушти, и тие си отидоа, а таа го врза за прозорецот црвеното јаже.