Кога го чу тоа хацорскиот цар Јавин, прати луѓе кај мадонскиот цар Јовав и кај шимронскиот цар, и кај ахшафскиот цар, и кај царевите, што живееја на планината откај север, и во долината јужно од Генисаретското Езеро и во рамнината и на височините кај Дор на запад. И кај приморските Хананци, што живееја на исток, и кај приморските Аморејци, и кај Хитијците, и кај Перизијците и Јевусијците, кои живееја во планината, и кај Евејците, што живееја во подножјето на Ермон, во регионот Мицпа. И излегоа сите тие цареви, а со нив и многу луѓе, толку многу колку песокот во Приморјето, со коњи и многу коли. И слегоа сите тие цареви, па се соединија и се сместија кај езерото Мером, за да војуваат против Израел. Но Господ му рече на Исус: „Не плаши се од нив, зашто утре, во ова време, ќе им ги предадам нив сите на синовите Израелови, за да ги убијат; а на коњите да им ги пресечат жилите и колите со оган да ги изгорат.“ Исус и со него сите способни за војна излегоа ненадејно против нив кај Меромското Езеро и ги нападнаа. И Господ ги предаде во рацете Израелови, и тие ги разбија и ги гонеа дури до големиот град Сидон и до Мисрефот-Маим и до долината на Мицпа на исток, и ги убиваа сѐ додека од нив не остана никој жив. И постапи Исус со нив така, како што му рече Господ: на коњите им ги пресече жилите, а колите им ги изгоре со оган.
Во исто време Исус, откако се врати, го презеде Асор и царот негов го уби со меч. Асор, пак, порано беше главен град на сите тие царства; и погуби со меч сѐ живо, што беше во него, и не остави во него ниедна жива душа. А Асор, тој го изгоре со оган. И сите градови на тие цареви ги зазеде Исус, и царевите со меч ги уби, како што беше заповедал Мојсеј, слугата Господов. Но, сите тие утврдени градови, Израел не ги изгоре, освен Асор, кој го запали Исус. А сето богатство од тие градови и добитокот го запленија синовите Израелови; сите луѓе, пак, ги убија со меч, така што сите беа истребени; не оставија ниту една жива душа. Како што му беше заповедал Господ на Својот слуга Мојсеј, така Мојсеј му заповеда на Исус, а Исус така и направи: не отстапи ниту од еден збор во сѐ што му беше заповедал Господ на Мојсеј.