Поради тоа Јона многу се огорчи и се налути. Па Му се помоли на Господ и рече: „О, Господи, зар не го велев тоа уште додека бев во земјата своја? Та затоа и побегнав во Тарсис, зашто знаев дека Ти си Бог добар и милосрден, долготрпелив и многумилостив, и над несреќата бргу се сожалуваш. А сега, Господи, земи ја душата моја од мене, зашто подобро е да умрам отколку да живеам.“ Господ пак му рече: „Дали со право се лутиш?“ Тогаш Јона излезе од градот, па седна од источната страна, и таму си направи колиба и се смести во неа под ладовина, за да види што ќе стане со градот. Тогаш Господ Бог нареди да израсне растение над главата на Јона, за да има над главата сенка, и да го избави од неудобноста. Јона многу му се зарадува на тоа растение. И нареди Господ, вториот ден, кога зората се зазори, црви да ја подгризат билката, и таа се исуши. А кога изгреа сонцето, испрати Бог врел источен ветар, и сонцето почна да ја пече главата на Јона, така што тој изнемоште толку што се помоли да умре, велејќи: „Подобро е да умрам отколку да живеам.“ А Бог му рече тогаш на Јона: „Зар имаш право да се лутиш поради билката?“ А тој одговори: „Многу сум лут, лут сум дури до смрт!“ Тогаш Господ рече: „Тебе ти е жал за едно растение, за кое ти не си се трудел, ниту си го одгледувал, и кое за една ноќ израсна и за една ноќ се исуши, а Мене да не Ми е жал за Ниневија, за овој голем град, во кој живеат повеќе од сто и дваесет илјади души, кои не можат да ја разликуваат десната рака од левата, а и за многу добиток?“