А Исус отиде на Маслиновата Гора. Утредента пак дојде во храмот и сиот народ доаѓаше кај Него. А Тој седна и ги поучуваше. Тогаш книжниците и фарисеите доведоа кај Него жена фатена во прељубодејство; ја поставија насреде и Му рекоа: „Учителе, оваа жена сега е фатена во прељубодејство. А Мојсеј во Законот ни заповеда: такви со камења да ги убиваме; Ти, пак, што велиш?“ Тоа го рекоа за да Го искушаат и да го обвинат. А Исус се наведна долу и почна со прст да пишува во земјата, не гледајќи ги. Кога продолжија да го прашуваат, Тој се исправи и им рече: „Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!“ И пак се наведна долу и пишуваше по земјата. А тие, штом го чуја тоа, бидејќи совеста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите па до последните: останаа само Исус и жената, која стоеше насреде. А кога се исправи и не виде никого освен жената, Исус ѝ рече: „Жено, каде се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“ А таа рече: „Никој, Господи.“ Тогаш Исус ѝ рече: „Ни Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш.“
И пак им рече Исус, велејќи: „Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот.“ Тогаш Му рекоа фарисеите: „Ти сведочиш Сам за Себе; Твоето сведоштво не е вистинито.“ Исус им одговори и рече: „Макар што сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинито, зашто знам од каде сум дошол и каде одам; а вие не знаете од каде сум дошол и каде одам. Вие судите по телото, Јас не судам никому. И ако судам Јас, Мојот суд е вистинит, зашто не сум Сам, туку Јас и Отецот, Кој Ме прати. А и во законот ваш е напишано дека сведоштвото од двајца сведоци се смета за веродостојно. Јас сведочам за Себе и Отецот, Кој Ме прати, сведочи за Мене.“ Тогаш Му рекоа: „Каде е Твојот Отец?“ Исус одговори: „Вие не Ме знаете ни Мене, ни Мојот Отец; ако Ме знаевте Мене, ќе Го знаевте и Мојот Отец.“ Овие зборови ги кажа Исус кај ризницата, кога поучуваше во храмот; и никој не го фати, зашто уште не беше дошол часот Негов.
Пак им рече Исус: „Јас си одам, а вие ќе Ме барате и во својот грев ќе умрете. Каде што ќе одам Јас, вие не можете да дојдете.“ Тогаш Јудејците рекоа: „Да не сака да се самоубие и затоа вели: каде што ќе одам Јас, вие не можете да дојдете?“ И им рече: „Вие сте од долу, а Јас сум од горе: вие сте од овој свет, Јас, пак, не сум од овој свет. Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; и навистина, ако не поверувате дека Јас Сум Тој, ќе умрете во гревовите свои.“