Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 7:1-53

Јован 7:1-53 MK2006

Потоа одеше Исус по Галилеја, не сакаше да оди во Јудеја, зашто Јудејците сакаа да Го убијат. Се приближуваше, пак, јудејскиот празник Сеници. Тогаш браќата Негови Му рекоа: „Излези одовде и оди во Јудеја, та и учениците Твои да ги видат делата што ги вршиш. Зашто никој не прави нешто тајно кога сака да се прочуе. Ако Ти ги вр­шиш овие работи, тогаш покажи се пред светот!“ Зашто и браќата Негови не веруваа во Него. А на тоа Исус им одговори: „Моето време уште не е дојдено, а за вас времето е секогаш погодно. Светов вас не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, зашто Јас сведочам за него дека делата му се лоши. Вие отидете на овој празник; Јас не­ма да излезам на празникот, зашто вре­мето Мое сѐ уште не се исполнило.“ Откако го рече тоа, остана во Га­ли­леја. Но, штом отидоа браќата Негови, и Тој отиде на празникот, но не јавно, ту­ку скришум. А Јудејците Го бараа на празникот и велеа: „Каде е Оној?“ И многу расправии имаше меѓу на­родот за Него; едни зборуваа: „Добар е“, а други велеа: „Не, туку го заблудува народот!“ Но никој не зборуваше за Него от­ворено, поради страв од Јудејците. А на средината од празникот, влезе Исус во храмот и поучуваше. И се чудеа Јудејците, велејќи: „Ка­ко ги познава Овој Книгите, кога не учел?“ Тогаш им одговори Исус и рече: „Учењето Мое не е Мое, туку на Оној што Ме прати; и ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Самиот од Себе зборувам. Кој говори самиот од себе, тој си ба­ра своја слава; а кој ја бара славата на Оној што Го пратил, Тој е вистинит и во Него нема неправда. Зар не ви го даде Мојсеј Законот? Но никој од вас не го исполнува Зако­нот. Зошто сакате да Ме убиете?“ Народот одговори и рече: „Демонот е во тебе? Кој сака да Те убие?“ Одговори Исус и им рече: „Едно де­ло извршив и сите се чудите. Мојсеј ви го даде обрезанието, не затоа што тоа е од Мојсеј, туку од тат­ковците – и вие во саботен ден обрезува­те човек. Ако човек се обрезува во сабота, за да не се наруши Законот Мојсеев, на Мене ли се гневите што цел човек на­правив здрав во сабота? Не судете според надворешноста, туку судете со праведен суд!“ Тогаш некои од Ерусалим рекоа: „Не ли е Овој што Го бараат да Го убијат? Ете, јавно говори и ништо не Му ве­лат. Да не се увериле и началниците дека е Тој навистина Христос? Но, Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос никој не ќе знае од ка­де е.“ Тогаш Исус, поучувајќи во храмот, извика гласно и рече: „И Мене Ме познавате и знаете од каде сум; но Сам од Себе не дојдов, туку Тој што ме прати е Вистинитиот; Него вие не Го познавате. Јас, пак, Го знам, зашто сум од Не­го и Тој Ме прати.“ Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не кладе рака на Него, бидејќи уште не беше дошол часот Негов. И мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, зар ќе направи поголеми чуда от­кол­ку што направи Овој?“ Чуја фарисеите дека народот така зборува за Него, па тие и првосвеш­те­ниците испратија слуги да го фатат. Тогаш Исус им рече: „Уште малку време сум со вас, а потоа ќе отидам кај Оној Кој Ме прати. Ќе Ме барате и нема да Ме најдете; и каде што ќе бидам Јас, вие не ќе мо­жете да дојдете.“ А Јудејците си рекоа меѓу себе: „Каде ќе оди Овој та да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при раселените меѓу Елините, па и Елините да ги поучува? Што значат овие зборови: ‚Ќе Ме барате и не ќе Ме најдете‘; и ‚Каде што ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дој­де­те?‘“ А во последниот голем ден од праз­никот застана Исус и извика со висок глас, велејќи: „Кој е жеден нека дојде кај Мене да пие! Кој верува во Мене од неговата ут­роба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода.“ А ова го рече за Духот, Кого што ќе Го примат оние кои веруваат во Не­го; зашто Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен. А мнозина од народот, кога ги чуја овие зборови, рекоа: „Навистина Овој е пророк!“ Други велеа: „Овој е Христос.“ А некои рекоа: „Зар од Галилеја ќе дојде Христос? Не е ли речено во Писмото дека Христос ќе дојде од семето Давидово и од гратчето Витлеем, од каде што беше Давид?“ И така настана меѓу народот раздор за Него. А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него. Дојдоа, пак, слугите кај прво­свеш­тениците и фарисеите и овие им рекоа: „Зошто не Го доведовте?“ А слугите одговорија: „Никогаш човек не говорел така како Овој Чо­век.“ Тогаш им одговорија фарисеите: „Да не се прелагавте и вие? Поверувал ли некој од властите и фарисеите во Него? Но, овој народ, што не го знае За­ко­нот, е проклет.“ Никодим, пак, кој беше отишол кај Него ноќе, а беше еден од нив, им рече: „Осудува ли нашиот Закон човек додека најнапред не го сослушаат и не дознаат што прави?“ А тие му одговорија и рекоа: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и ќе ви­диш дека пророк од Галилеја не се јавува!“ И секој си отиде во својот дом.