Потоа Исус отиде на другата страна од Галилејското Море, наречено Тиверијадско. И по него одеше многу народ, зашто ги гледаа чудата Негови што ги вршеше над болните. А Исус отиде во гората и таму седеше со учениците Свои. И наближуваше јудејскиот празник Пасха. Исус, пак, откако ги подигна очите, виде дека кон Него иде многу народ му рече на Филип: „Од каде да купиме леб за да јадат овие?“ А тоа го рече за да го искуша, зашто Сам знаеше што ќе направи. Филип Му одговори: „Не ќе им биде доволно леб за двесте денарии, па да добие секој од нив по малку!“ Еден од учениците Негови, Андреј, братот на Симон Петар, Му рече: „Овде се наоѓа едно момче кое има пет јачменови лебови и две риби; но што е тоа за толку души?“ Исус рече: „Кажете им на луѓето да поседнат!“ А на тоа место имаше многу трева. Тогаш поседнаа луѓето, на број околу пет илјади. Исус ги зеде лебовите, заблагодари и им ги подаде на оние што поседнаа; исто така и од рибите, кој колку сакаше. А кога се наситија, им рече на учениците Свои: „Соберете ги останатите парчиња за да не се загуби ништо!“ И од петте јачменови лебови собраа и наполнија дванаесет кошници парчиња, што им преостанаа на оние што јадеа. Луѓето, кога го видоа чудото што го направи Исус, рекоа: „Овој е навистина Пророкот Кој требаше да дојде на светот!“ Но Исус, штом разбра дека сакаат да дојдат и да Го фатат за да го прогласат за цар, се повлече Сам во гората.
А приквечер, учениците Негови слегоа до морето, влегоа во кораб и тргнаа преку морето кон Капернаум. Морето, пак, се подигаше, зашто дуваше силен ветар. И кога беа поминале дваесет и пет – до триесет стадии, Го видоа Исус како оди по морето и се приближува кон коработ, па се уплашија. Но Тој им рече: „Јас сум, не плашете се!“ Тие сакаа да Го примат во коработ и веднаш коработ пристигна до брегот, каде што одеа.