Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 4:4-42

Јован 4:4-42 MK2006

Требаше да мине преку Самарија. Така, дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, близу до земјиштето, што му го даде Јаков на својот син Јо­сиф. Таму беше изворот на Јаков. И Исус, изморен од патот, седна покрај изворот; а беше околу шестиот час. Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: „Дај Ми да пи­јам!“ А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна. Жената Самарјанка Му рече: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, жена Са­мар­јанка, да пиеш?“ Зашто Јудејците со Самарјаните не се мешаат. Исус ѝ одговори и рече: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Овој што ти вели: ‚Дај Ми да пијам‘ – ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.“ Жената Му рече: „Господи, Ти нема со што да нацрпеш, а кладенецот е дла­бок; од каде, пак, имаш жива вода? Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде овој кладенец!? И самиот тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!“ Исус ѝ одговори и рече: „Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни; а кој пие од водата, што ќе му ја да­дам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен.“ Жената Му рече: „Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење!“ Исус ѝ рече: „Оди, повикај го твојот маж и дојди тука!“ Жената одговори и Му рече: „Не­мам маж.“ Исус ѝ рече: „Право кажа дека немаш маж; зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече.“ Жената Му одговори: „Господи, гледам дека си Ти пророк! Нашите татковци се поклонуваа на оваа планина, а вие велите дека во Еру­салим е местото каде што треба да се поклонуваме.“ Исус ѝ рече: „Жено, верувај Ми де­ка доаѓа време кога ни на оваа планина, ниту во Ерусалим не ќе се поклонувате на Отецот. Вие му се поклонувате на она што не го знаете, а ние се поклонуваме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците. Но иде време и веќе дошло кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние кои Му се поклонуваат. Бог е Дух и оние што Му се покло­нуваат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина.“ Жената Му рече: „Знам дека ќе дој­де Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Тој, сѐ ќе ни каже.“ А Исус ѝ рече: „Јас сум, Кој зборува со тебе.“ И тогаш дојдоа учениците Негови и се зачудија дека говореше со жена; но ниеден не Му рече: „Што сакаш?“ или: „Зошто зборуваш со неа?“ А жената ја остави својата стомна и отиде в град и им рече на луѓето: „Дојдете, видете Го човекот Кој ми кажа сѐ што сум направила. Да не е Тој Христос?“ Тогаш тие излегоа од градот и трг­наа кон Него. Во тоа време, пак, учениците Го мо­леа, велејќи: „Рави, јади!“ Но Тој им рече: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.“ Тогаш учениците си проговорија меѓу себе: „Да не Му донел некој да ја­де?“ А Исус им рече: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело. Не велите ли вие дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А јас, пак, ви кажувам: подигнете го погледот и видете ги нивите како побелеле, готови за жетва. И жетварот веќе добива плата и со­бира плод за вечен живот, та да се радуваат заедно и сејачот и жетварот. Зашто во ова вистинита станува поговорката: ‚Еден сее, а друг жнее.‘ Јас ве испратив да го жнеете она за што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.“ И мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него поради зборовите на жената која сведочеше: „Ми кажа сѐ што сум направила.“ Кога дојдоа, пак, Самарјаните кај Него, Го замолија да остане кај нив. И Тој остана таму два дена. И уште повеќе поверуваа поради словото Негово; а на жената ѝ велеа: „Сега веќе не веруваме само заради твоето ка­жување, зашто сами чувме и знаеме де­ка Тој е Спасителот на светот, Хрис­тос.“

Бесплатни планови за читање и побожни текстови поврзани со Јован 4:4-42

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност