Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 21:1-25

Јован 21:1-25 MK2006

Потоа пак им се јави Исус на учениците Свои кај Тиверијад­ското Море. А тоа се случи вака: беа заедно Симон Петар и Тома, ко­го го викаа Близнак, Натанаил од Кана Галилејска, Заведеевите синови и двајца други од учениците Негови. Симон Петар им рече: „Ќе одам да ловам риба.“ Му рекоа: „И ние ќе дој­де­ме со тебе.“ Тогаш излегоа и веднаш влегоа во кораб, но таа ноќ ништо не уловија. А кога се раздени, застана Исус на брегот, само учениците не го познаа дека е Исус. Исус им рече: „Чеда, имате ли неш­то за јадење?“ Му одговорија: „Не.“ А Тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на коработ и ќе нај­де­те!“ Ја фрлија, и не можеа веќе да ја из­влечат од многу риби. Тогаш ученикот, што го сакаше Исус, му рече на Петар: „Тоа е Господ!“ А Симон Петар, штом чу дека е Гос­под, си ја препаша облеката – зашто бе­ше необлечен, и се фрли во морето. А другите ученици, влечејќи ја мре­жата со риби, дојдоа со кораб, зашто не беа далеку од брегот, но само околу двесте лакти. Кога пак излегоа на брегот, видоа накладен оган, и на него ставена риба и леб. Исус им рече: „Донесете од рибите што ги уловивте сега!“ А Симон Петар влезе и ја извлече мрежата на брегот, полна со крупни ри­би, на број сто педесет и три; и макар што беа толку многу, мрежата не се скина. Исус им рече: „Дојдете, јадете!“ И никој не смееше да Го праша: „Кој си Ти?“, зашто гледаа дека е Господ. Се приближи Исус, зеде леб и им даде, исто така и риба. Ова беше веќе третпат како им се јави Исус на учениците Свои, откако воскресна од мртвите. А кога завршија со јадењето, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне Јо­ва­нов, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?“ Петар Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рече: „Паси ги јагненцата Мои!“ Го праша пак, повторно: „Симоне Јованов, Ме љубиш ли?“ Петар Му ка­жа: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рече: „Паси ги овците Мои!“ И по третпат му рече: „Симоне Јо­ванов, Ме љубиш ли?“ Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме љубиш ли?“ И Му рече: „Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те љубам.“ Исус му рече: „Паси ги овците Мои! Вистина, вистина ти велам: кога бе­ше помлад, сам се препашуваше и оде­ше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те препаша и поведе на каде што неј­ќеш.“ А ова го рече за да покаже со каква смрт ќе Го прослави Петар Бога. И штом го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!“ А Петар, кога се заврти, виде дека по него оди оној кого Исус го сакаше и кој на вечерата се беше нава­лил на градите Негови и прашуваше: „Господи, кој ќе Те предаде?“ Штом го виде Петар него, Му рече на Исус: „Господи, а овој, пак, зошто?“ Исус му рече: „Ако сакам тој да остане додека да дојдам, тебе што ти е? Ти врви по Мене!“ И се пренесе овој збор меѓу браќата дека тој ученик нема да умре. Но Исус не му рече дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане додека дојдам, тебе што ти е?“ Тој е ученикот кој сведочи за овие настани и ги напиша; и знаеме дека све­доштвото негово е вистинско. А има и многу други работи што ги изврши Исус и кои, ако би се напишале по ред, ми се чини не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги. Амин!

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност