А Марија стоеше кај гробот однадвор и плачеше. И, плачејќи, се наведна над гробот; и виде два ангела во бели облеки како седат, едниот кај главата, а другиот кај нозете, каде што беше лежело телото Исусово. Тие ѝ рекоа: „Жено, зошто плачеш?“ Им одговори: „Го кренале Господ мој и не знам каде Го положиле!“ Штом го рече ова, се заврте назад и Го виде Исус како стои; но не знаеше дека е Исус. Исус ѝ рече: „Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?“ Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: „Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам.“ Исус ѝ рече: „Марија!“ Таа се заврти и Му рече: „Равуни“ – што значи: „Учителе!“ И рече Исус: „Не допирај се до Мене, зашто уште не сум се вратил кај Мојот Отец; туку отиди кај браќата Мои и кажи им: се враќам кај Својот Отец и вашиот Отец, кај Својот Бог и кај вашиот Бог.“ Дојде Марија Магдалена и им кажа на учениците дека Го видела Господ и дека тоа ѝ рекол.
А вечерта во истиот ден, првиот од седмицата, кога вратата, каде што беа учениците Негови собрани, беше затворена поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: „Мир вам!“ И ова штом го рече, им ги покажа рацете и нозете и ребрата Свои. Се зарадуваа тогаш учениците, штом Го видоа Господа. А Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам.“ И кога им го кажа ова, дувна и им рече: „Примете Дух Свети! На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат.“