Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 19:1-42

Јован 19:1-42 MK2006

Тогаш Пилат Го зеде Исус и Го предаде да го камшикуваат. Војниците сплетоа венец од трње, Му го кладоа на главата и Му облекоа багреница, и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ – и Го удираа по образите. Пилат пак излезе надвор и им рече: „Еве, ви Го изведувам надвор, за да раз­берете дека не наоѓам во Него никаква вина.“ Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец, и багреница. И им рече Пилат: „Еве Го Човекот!“ А кога Го видоа првосвештениците и слугите, завикаа и рекоа: „Распни Го, распни!“ Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам во Него вина.“ Јудејците му одговорија: „Ние има­ме Закон и според нашиот Закон Тој треба да умре, зашто Сам се направи Син Божји.“ Кога го чу Пилат овој збор, уште повеќе се исплаши. И пак влезе во преторијата и Му ре­че на Исус: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му даде одговор. Пилат Му рече: „Мене ли не ми од­говараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам, и власт имам да Те пуш­там!?“ Исус одговори: „Ти не би имал ни­каква власт над Мене ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној што Ме предаде на тебе.“ Оттогаш Пилат гледаше да Го пуш­ти. Но Јудејците пак викаа, зборувајќи: „Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на цезарот. Секој што се прави цар, противник му е на цезарот.“ Штом го чу овој збор, Пилат Го из­веде Исус надвор и седна на судскиот стол, на местото што се вика Литос­тро­тон, а по еврејски Гавата. Тогаш беше петок пред Пасха, околу шестиот час. И им рече Пилат на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!“ Но тие викаа: „Земи, земи, распни Го!“ Пилат им рече: „Царот ваш ли да Го распнам?“ Првосвештениците одго­во­рија: „Ние немаме цар, освен це­за­рот.“ И тогаш им Го предаде за да биде распнат. И Го зедоа Исус, и Го поведоа. И носејќи го Својот крст, Тој излезе на местото наречено Черепница, а по еврејски Голгота; таму Го распнаа, а со Него и други двајца, од едната и од другата страна, а насреде – Исус. Пилат, пак, напиша и натпис, и го кладе на крстот. А беше напишано: „Исус од Назарет, цар Јудејски.“ Овој натпис го читаа мнозина од Ју­дејците, бидејќи местото, каде што бе­ше распнат Исус беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, грчки и латински. Првосвештениците, пак, јудејски му рекоа на Пилат: „Не пишувај: Цар Ју­дејски, туку дека Тој рече: Јас сум Цар Јудејски.“ Пилат одговори: „Што напишав, напишав.“ А војниците, кога Го распнаа Исус, ги зедоа алиштата Негови и ги раз­делија на четири дела, по еден дел на секого и хитонот. Хитонот, пак, не бе­ше шиен, туку исткаен одозгора па до­долу. Тогаш си рекоа: „Да не го расипуваме, но да фрлиме за него ждрепка, чиј ќе биде“ – за да се збидне кажаното во Писмото: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија ждрепка.“ Така и направија војниците. Покрај крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Ма­рија Клеопова, и Марија Магдалена. А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот кого посебно го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: „Жено, ете ти син!“ Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде кај себе. По ова, знаејќи Исус дека сѐ е свр­шено, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден сум.“ Таму стоеше сад, полн со оцет. Тие наквасија сунѓер во оцетот, го зака­чија на трска и Му принесоа до устата Негова. А кога вкуси Исус оцет, рече: „Се сврши!“ И кога ја наведна главата, го предаде духот. Бидејќи беше петок, Јудејците, за да не останат телата на крст во сабота, зашто во таа сабота беше голем ден, го замолија Пилат да им ги прекршат ко­лената и да ги симнат. Тогаш дојдоа војниците и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него. А кога дојдоа до Исус и го видоа де­ка беше веќе умрен, не Му ги пре­кр­ши­ја колената; но еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода. И тој што виде – посведочи, и све­доштвото му е вистинско; и знае дека ја кажува вистината, за да поверувате вие. Бидејќи ова стана за да се исполни Писмото: „Коска Негова нема да се прекрши.“ И друго Писмо пак вели: „Ќе погледнат на Оној Кого Го прободоа.“ Потоа Јосиф од Ариматеја, таен Исусов ученик, поради страв од Јудејците, го замоли Пилат да го симне телото и Пилат му дозволи. Тој дојде и го симна телото Исусово. А дојде и Никодим, кој порано беше отишол ноќе кај Исус, и донесе околу сто литри смеса од смирна и алој. Го зедоа телото Исусово и го завит­каа во платно со мирисите, како што е обичај кај Јудејците да погребуваат. На она место, каде што беше распнат, имаше градина и во градината – нов гроб, во кој уште никој не беше полаган. Таму Го положија Исус поради пе­токот јудејски, зашто гробот беше бли­зу.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност