Тогаш четата и заповедникот, и слугите јудејски, Го фатија Исус и Го врзаа. И Го одведоа најнапред кај Ана, зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник. А Кајафа беше оној што ги посоветува Јудејците дека подобро е да умре еден човек за народот.
По Исус одеше Симон Петар и еден друг ученик. Тој ученик му беше познат на првосвештеникот, па влезе со Исус во дворот на првосвештеникот. А Петар стоеше надвор, покрај портата. Другиот, пак, ученик, што му беше познат на првосвештеникот, излезе, ѝ рече на вратарката и го воведе Петар. Тогаш слугинката вратарка му рече на Петар: „Да не си и ти од учениците на Овој Човек?“ Тој рече: „Не сум.“ А слугите и стражарите беа запалиле оган и стоеја, па се грееја, зашто беше студено. Со нив стоеше и Петар и се грееше.
Првосвештеникот, пак, Го праша Исус за учениците Негови и за Неговото учење. Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; Јас секогаш поучував по синагогите и во храмот, каде што секојпат се собираат Јудејците, и тајно ништо не сум зборувал. Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние кои слушале што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.“ Кога Тој го рече тоа, еден од слугите, кој стоеше близу, Го удри Исус по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?“ Исус му одговори: „Ако реков нешто лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме удираш?“ Тогаш Ана Го прати врзан кај првосвештеникот Кајафа.
А Симон Петар стоеше и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од учениците Негови?“ Тој порекна и рече: „Не сум.“ Еден од слугите на првосвештеникот, што му беше роднина на оној кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Нели те видов и тебе во градината со Него?“ А Петар пак порекна; и веднаш запеа петел.