Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 16:1-33

Јован 16:1-33 MK2006

„Ова ви го кажав за да не се соблазните. Ќе ве исклучуваат од синагогите. Па уште и ќе настапи време кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба. Тоа ќе го прават, зашто не Го познаа Отецот, ниту Мене. Но ви го кажав тоа, та кога ќе дојде времето, да се сетите дека Јас сум ви ре­кол; а од почетокот не ви го зборував ова, зашто бев со вас.“ „А сега одам кај Оној Кој Ме ис­пра­ти, и никој од вас не Ме праша: ‚Каде одиш?‘ Но затоа што ви го кажав ова, срцата ваши се исполнија со тага. Но Јас вистината ви ја кажувам: по­добро е за вас Јас да си отидам, зашто, ако не си отидам, Утешителот нема да дој­де кај вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам. А Тој, кога ќе дојде, ќе го изобличи светот за грев, и за правда, и за суд: за грев – дека не веруваат во Мене; за правда – оти Јас си одам кај Својот Отец, и веќе нема да Ме видите; а за суд – зашто кнезот на овој свет е осуден. Имам уште многу да ви кажувам, но сега не можете да носите. А кога ќе дојде Тој, Духот на Вис­тината, ќе ве упати во сета вистина; но од Себе нема да зборува, туку ќе говори што чуе, и ќе ви ја најави иднината. Тој Мене ќе Ме прослави, зашто од Моето ќе земе и ќе ви јави. Сѐ што има Отецот, Мое е; затоа и ви реков дека од Моето ќе земе и ќе ви јави.“ „Уште малку, и нема да Ме гледате, и по малку, пак ќе Ме видите, зашто си одам кај Отецот.“ А некои од учениците Негови си рекоа меѓу себе: „Што е тоа, што ни ве­ли: ‚Уште малку, и нема да Ме видите‘ и ‚По малку, пак ќе Ме видите‘ и ‚Јас си одам кај Отецот?‘“ И си зборуваа: „Што е тоа, што ве­ли: ‚Уште малку?‘“ Исус разбра дека сакаат да Го пра­шаат, и им рече: „Затоа ли се пра­шу­ва­те меѓу себе, што реков: ‚Уште малку, и нема да Ме гледате‘ и ‚По малку, пак ќе Ме видите?‘ Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се радува; вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост. Жена, кога раѓа, има болки, зашто ѝ дошло времето нејзино; но штом ќе го роди детето, од радост не ги помни веќе болките, зашто се родил човек на светот. Па така и вие, сега сте нажалени; но Јас пак ќе ве видам, и ќе се зарадува срцето ваше, и радоста ваша никој нема да ви ја одземе; и во тој ден нема да Ме прашувате за ништо. Вистина, вистина ви велам: што и да посакате од Отецот, во Мое име, ќе ви даде. Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде ра­доста ваша полна.“ „Ова во параболи ви го кажав; но ќе дојде час кога нема веќе во параболи да ви зборувам, туку откриено ќе ве известам за Отецот. Во тој ден ќе побарате во Мое име, и не ви велам дека Отецот ќе го помолам за вас; бидејќи Отецот Сам ве сака, зашто вие Ме засакавте и поверувавте дека Јас сум излегол од Бога. Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и се вра­ќам кај Отецот.“ Му рекоа учениците Негови: „Еве, сега откриено зборуваш и никаква па­рабола не кажуваш. Сега знаеме дека знаеш сѐ и нема потреба никој да Те прашува. Заради тоа веруваме дека од Бога си излегол.“ Исус им одговори: „Сега ли верува­те? Ете, иде часот, и веќе настапува, да се разбегате секој кај своите, а Мене Сам да Ме оставите; но Јас не сум Сам, бидејќи Отецот е со Мене. Ова ви го реков за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот.“