Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија, од селото на Марија и нејзината сестра Марта. А Марија, чиј брат Лазар се разболе, беше онаа која Го помаза Господ со миро и ги избриша нозете Негови со својата коса. Тогаш сестрите нарачаа по Него, велејќи: „Господи, ете, оној што го милуваш, болен е.“ Штом чу Исус, рече: „Таа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.“ А Исус ги сакаше Марта, нејзината сестра, и Лазар. А кога чу дека е болен, тогаш остана уште два дни во местото каде што се наоѓаше. Потоа им рече на учениците: „Да отидеме пак во Јудеја!“ Учениците Му рекоа: „Рави, сега сакаа да Те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?“ Исус одговори: „Нели има дванаесет часови во денот? Кој оди дење, не се сопнува, зашто ја гледа светлината на овој свет; а кој оди ноќе, се сопнува, зашто нема светлина во него.“ Ова им го кажа, а потоа им рече: „Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам.“ Тогаш учениците Негови рекоа: „Господи, ако заспал, ќе стане.“ Исус го рече тоа за смртта негова, а тие мислеа дека говори за заспивање со сон. Тогаш Исус рече отворено: „Лазар умре! Но се радувам заради вас што не бев таму, та да поверувате – туку, да отидеме кај него.“ Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците: „Да отидеме и ние да умреме со него.“
Кога дојде Исус, откри дека тој веќе четири дена е во гроб. А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии; и мнозина Јудејци беа дошле кај Марта и Марија да ги утешат за нивниот брат. Кога чу Марта дека доаѓа Исус, излезе пред Него; а Марија седеше дома. Тогаш Марта Му рече на Исус: „Господи, ако беше Ти овде, брат ми немаше да умре. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде.“ Исус ѝ рече: „Твојот брат ќе воскресне!“