Објавете го тоа во домот Јаковов, разгласете во Јудеја, велејќи: чуј го ова, народе безумен и неразумен, кој имаш очи, а не гледаш, имаш уши, а не слушаш: од Мене ли не се плашите, вели Господ, пред Мене ли не треперите? Јас ставив песок како граница на морето, за вечна меѓа, која нема да премине; и макар што брановите негови ќе надојдат, но не ќе можат да се прелијат; макар што се упорни, но не ќе можат да го префрлат. А овој народ има упорно и непокорно срце; тие отстапија и заминаа. И не рекоа во срцето свое: да се уплашиме од нашиот Господ Бог, Кој ни дава навреме дожд, ран и доцен, ги пази за нас седмиците, одредени за жетва. Вашите беззаконија го отфрлија тоа, и вашите гревови го отстранија од вас тоа добро. Зашто меѓу Мојот народ има злочинци: демнат како сокриени ловци на птици, се влечат по земјата, ставајќи стапици за да ловат луѓе. Како кафез, со птици, домовите нивни се полни со грабежи: а преку тоа тие се издигнаа и се збогатија; се здебелија, злото надмина секоја мерка, не ја бранат правдата, ни правата на сираците за среќа, не се грижат за правата на сиромасите. Зар нема да казнам заради тоа – вели Господ; и нема ли да се одмазди душата Моја на таков народ, како овој? Стравотии и грозотии се случуваат во таа земја: пророците пророкуваат лага, свештениците господарат преку нив – и Мојот народ го сака тоа. Но што ќе правите на крајот?