Бидејќи така вели Господ: пејте со радост за Јаков и воскликнувајте пред главата на народите; разгласувајте, славете и кажувајте: го избави Господ твојот народ, остатокот од Израел! Еве, Јас ќе ги доведам од северната земја и ќе ги соберам од земните краишта, и слеп и хром, и бремена и родилка, заедно со нив – големо множество ќе се врати овде. Тие отидоа со солзи, Јас, пак, ќе ги вратам со утеха; ќе ги поведам покрај потоци со води, по рамен пат, по кој нема да се сопнуваат; бидејќи Јас сум Отец на Израел, и Ефрем е Мојот првороден. Чујте го, народи, словото Господово и разгласете го по островите далечни и кажете: Оној што го расеа Израел, Тој и ќе го собере и ќе го пази како што го прави тоа пастирот со своето стадо; зашто Господ ќе го откупи Јаков и ќе го избави од рацете на оној, кој беше посилен од него. И тие ќе дојдат и ќе се радуваат на сионските височини, и ќе се стрчаат кон добрата Господови, кон пченицата, виното и маслото, кон јагнињата и воловите; и душата нивна ќе им биде како градина напоена со вода, и веќе нема да се измачуваат. Тогаш девојката ќе се радува на оро, а и младите и старите заедно; и тагата нивна ќе се претвори во радост, ќе ги утешам и ќе ги зарадувам по нивната болка. И ќе ја нахранам душата на свештениците со мрснотија, и Мојот народ ќе се насити со Моите добра, вели Господ.
Така вели Господ: глас се слуша во Рама, пискот и горко плачење: Рахила плаче за децата свои и не сака да се утеши за нив, зашто ги нема. Така вели Господ: задржете го гласот свој од плачење и очите свои – од солзи, зашто за трудот твој има награда, вели Господ, и тие ќе се вратат од непријателската земја. И надеж има за твојата иднина, вели Господ, и твоите синови ќе се вратат во пределите свои. Го слушам Ефрем како плаче: „Ти ме казни, и јас сум казнет како нескротен јунец; обрати ме – и ќе се обратам, зашто Ти си мој Господ Бог. Зашто бев заблуден, но се покајав; откако се обратив, се удирав по бедрата; станав посрамен, станав смутен, зашто го носев срамот од младоста своја.“ Зар Ефрем не е Мојот драг син, не е ли тој дете сакано? Зашто, штом ќе почнам да зборувам за него, секогаш се сеќавам со љубов за него; срцето Мое се радува за него; ќе се смилувам над него, вели Господ. Постави си знаци по патиштата, постави си купишта камења, запомни го патот, по кој си врвела; враќај се, девојко Израелова, враќај се во тие твои градови. Уште ли ќе скиташ, ќерко отстапничке? Зашто Господ ќе направи нешто ново на земјата: жената ќе го заобиколи мажот.
Така вели Господ Саваот, Бог Израелов: во иднината, кога ќе ги вратам робовите нивни, тие по земјата на Јуда и во неговите градови ќе го кажуваат овој збор: „Господ нека те благослови, живеалиште на правдата, света горо!“ И ќе се насели во неа Јуда и сите негови градови заедно, земјоделците и оние што пасат стада. Бидејќи Јас ќе ја напојам изморената душа и ќе ја наситам секоја малаксана душа. Потоа се разбудив и погледнав, и сонот ми беше пријатен.