Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Еремија 31:1-40

Еремија 31:1-40 MK2006

Во тоа време, вели Господ, Јас ќе им бидам Бог на сите племиња израелски, а тие ќе бидат Мој народ. Така вели Господ: народот, што се спасил од меч, најде милост во пустината; одам да го успокојам Израел. Оддалеку ми се јави Господ и ми рече: со вечна љубов те засакав и затоа останав милостив кон тебе. Јас пак ќе те кренам, и ти ќе бидеш обновена, девојко Израелова, па ќе ги земеш тимпаните свои и ќе излезеш на собор со оние што играат; пак ќе садиш лозници по самарјанските височини; лозарите, што ќе ги садат, сами и ќе се користат од нив. Зашто ќе дојде ден, кога стражата на Планината Ефремова ќе извика: „Станувајте да се искачиме на Сион при нашиот Господ Бог.“ Бидејќи така вели Господ: пејте со радост за Јаков и воскликнувајте пред главата на народите; разгласувајте, славете и кажувајте: го избави Господ твојот народ, остатокот од Израел! Еве, Јас ќе ги доведам од северната земја и ќе ги соберам од земните краи­шта, и слеп и хром, и бремена и родилка, заедно со нив – големо множество ќе се врати овде. Тие отидоа со солзи, Јас, пак, ќе ги вратам со утеха; ќе ги поведам покрај потоци со води, по рамен пат, по кој не­ма да се сопнуваат; бидејќи Јас сум Отец на Израел, и Ефрем е Мојот првороден. Чујте го, народи, словото Госпо­дово и разгласете го по островите да­лечни и кажете: Оној што го расеа Израел, Тој и ќе го собере и ќе го пази како што го прави тоа пастирот со своето стадо; зашто Господ ќе го откупи Јаков и ќе го избави од рацете на оној, кој беше посилен од него. И тие ќе дојдат и ќе се радуваат на сионските височини, и ќе се стрчаат кон добрата Господови, кон пченицата, ви­ното и маслото, кон јагнињата и воло­вите; и душата нивна ќе им биде како градина напоена со вода, и веќе нема да се измачуваат. Тогаш девојката ќе се радува на оро, а и младите и старите заедно; и тагата нивна ќе се претвори во радост, ќе ги утешам и ќе ги зарадувам по нивната болка. И ќе ја нахранам душата на свеш­тениците со мрснотија, и Мојот народ ќе се насити со Моите добра, вели Гос­под. Така вели Господ: глас се слуша во Рама, пискот и горко плачење: Рахила плаче за децата свои и не сака да се утеши за нив, зашто ги нема. Така вели Господ: задржете го гласот свој од плачење и очите свои – од солзи, зашто за трудот твој има награда, вели Господ, и тие ќе се вратат од непријателската земја. И надеж има за твојата иднина, вели Господ, и твоите синови ќе се вра­тат во пределите свои. Го слушам Ефрем како плаче: „Ти ме казни, и јас сум казнет како не­скротен јунец; обрати ме – и ќе се обра­там, зашто Ти си мој Господ Бог. Зашто бев заблуден, но се покајав; откако се обратив, се удирав по бедрата; станав посрамен, станав смутен, зашто го носев срамот од младоста своја.“ Зар Ефрем не е Мојот драг син, не е ли тој дете сакано? Зашто, штом ќе почнам да зборувам за него, секогаш се сеќавам со љубов за него; срцето Мое се радува за него; ќе се смилувам над него, вели Господ. Постави си знаци по патиштата, постави си купишта камења, запомни го патот, по кој си врвела; враќај се, девој­ко Израелова, враќај се во тие твои градови. Уште ли ќе скиташ, ќерко отстапничке? Зашто Господ ќе направи нешто ново на земјата: жената ќе го заобиколи мажот. Така вели Господ Саваот, Бог Из­раелов: во иднината, кога ќе ги вратам робовите нивни, тие по земјата на Јуда и во неговите градови ќе го кажуваат овој збор: „Господ нека те благослови, живеалиште на правдата, света горо!“ И ќе се насели во неа Јуда и сите негови градови заедно, земјоделците и оние што пасат стада. Бидејќи Јас ќе ја напојам изморената душа и ќе ја наситам секоја малаксана душа. Потоа се разбудив и погледнав, и сонот ми беше пријатен. Ете, идат дни, вели Господ, кога ќе посеам во домот Израелов и во домот на Јуда семе човечко и семе од добиток. И како што бдеев над нив, кога ги искоренував и ги уништував, кога ги разрушував, погубував и повредував, така ќе бдеам над нив, кога ќе ги издигнувам и насадувам, вели Господ. И тогаш, нема да велат веќе: „Тат­ковците јадеа кисело грозје, а забите на децата нивни им фаќаат скомина.“ Но, секој умира поради своето сопствено беззаконие; кој ќе јаде кисело грозје, нему забите ќе му фаќаат ско­мина. Еве настапуваат дни, вели Господ, и ќе склучам со домот Израелов и со до­мот на Јуда нов завет. Не онаков завет, каков што склучив со предците нивни во денот, кога ги фатив за раце, за да ги изведам од еги­петската земја; тој Мој завет тие го нарушија, иако останав во сојуз со нив, вели Господ. Но еве го заветот, што ќе го склу­чам со домот Израелов по оние дни, вели Господ: ќе го вложам Мојот закон внатре во нив, и ќе го напишам во срцата нивни, па Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ. И нема повеќе да учат еден друг, брат брата и да зборуваат: „Познајте Го Господа“, зашто сите тие, од мал до голем, сами ќе Ме знаат, вели Господ, бидејќи ќе им ги простам беззаконијата нивни, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам. Така вели Господ, Кој го даде сонцето да свети дење, и им даде наредба на месечината и на ѕвездите да светат ноќе, кој Го бранува морето, кога брановите негови бучат; Господ Саваот е името Негово. Ако тие наредби престанат да ги применуваат пред Мене, вели Господ, тогаш и племето Израелово ќе пре­стане да биде народ пред Мене засекогаш. Така вели Господ: ако може да се измери небото угоре и основите на земјата да се испитаат удолу, тогаш и Јас ќе го отфрлам сето племе израелско, за сѐ она што го правеа, вели Господ. Еве, доаѓаат дни, вели Господ, кога градот ќе биде обновен за слава на Гос­под, од кулата на Хананел до Аголната Порта, и мерката на земјата од ридот ќе отиде уште погоре, токму до ридот Га­рев и ќе свие кон Гоа. И целата долина на труповите и на пепелта, и целото поле до потокот Кед­рон, до аголот на Коњската Порта спрема исток, ќе биде светиња Госпо­дова; нема да се искоренува и нема да се разрушува довека.