Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Еремија 25:15-38

Еремија 25:15-38 MK2006

Зашто така ми рече Господ, Бог Израелов: земи ја од раката Моја оваа чаша со вино од јарост и напој ги од неа сите народи, кај кои ќе те пратам. И тие ќе пијат, и нека се смутат и избезумат, кога ќе го видат мечот, што ќе го пратам против нив. Ја зедов чашата од раката Господо­ва и ги напоив од неа сите народи, кај кои Господ ме прати: Ерусалим и градовите јудејски, и царевите негови, и кнезовите негови, за да ги опустошам и направам ужас, пот­смев и проклетство, како што се гледа сега; фараонот, египетскиот цар, слугите негови, кнезовите негови и сиот народ негов; сиот измешан народ, и сите цареви на земјата Уц, и сите цареви на земјата филистејска, Ашкелон и Газа, Екрон и другите делови на Ашдод, Едом, Моав и Амоновите синови, сите цареви на Тир и сите цареви на Сидон, царевите над островите, што се наоѓаат отаде морето, Дедан, Тема, Буз и сите што ги бричат главите свои, сите цареви на Арабија и сите цареви на народите од разни племиња, кои живеат во пустината, сите цареви на Замвриј и сите цареви на Елам, сите цареви на Мидија, сите цареви на север, блиски и далечни, и сите земни царства што постојат на земјата, а царот на Шешах ќе пие по нив. Па кажи им: вака вели Господ Саваот, Бог Израелов – пијте и опијте се, повраќајте и паднете, и не станувај­те, кога ќе го видите мечот, што ќе го испратам против вас. Ако се откажат, пак, да пијат од чашата од раката твоја, тогаш кажи им: вака вели Господ Саваот – морате да пиете. Зашто, еве, на овој град, над кој се призива името Мое, почнувам да му нанесувам зло; па зар вие ќе останете неказнети? Не, нема да останете не­казнети; бидејќи Јас повикувам меч против сите, што живеат на земјата, вели Господ Саваот. Затоа пророкувај им ги сите овие зборови и кажи им: Господ ќе загрми од висините и од Своето свето живеалиш­те; ќе издигне глас, ќе загрми страшно против својот насад; како оние што гмечат грозје, ќе извика против сите, што живеат по земјата. Писок ќе одекнува по сите краишта земни, бидејќи Господ им суди на сите народи: Тој ќе му суди на секое тело, а нечесните ќе ги предаде на меч, вели Господ. Така вели Господ Саваот – ете, зло­то ќе мине од народ кон народ, и голем виор ќе се подигне од краиштата земни. А во оној ден ќе има погубени од Господ од едниот крај на земјата до другиот; тие нема да бидат оплакани, ниту прибрани, ниту погребани, туку ќе бидат како ѓубре по земјата. Плачете пастири, и офкајте, поси­пете се со пепел, водачи на стадото; за­што дојдоа деновите ваши, да бидете заклани и расфрлани, па ќе паднете ка­ко скапоцен сад. И не ќе има прибежиште за пасти­рите и спас за водачите на стадото. Ќе се слуша пискот од пастирите и плач од водачите на стадото, бидејќи Господ ќе ги опустоши пасиштата нив­ни. Јароста на гневот Господов ќе ги истреби мирните трла. Како лав го остави живеалиштето Свое; а земјата им стана пустина од ја­роста на пустошникот и од Неговиот огнен гнев.