Поради пророците срцето ми се кине во мене, сите коски ми се тресат, јас сум како пијан, како човек што го фатило виното, заради Господа и заради Неговите свети зборови, зашто земјата се наполни со прељубници, и земјата плаче поради проклетството; се исушиле пасиштата по пустините, зашто стремежот им е зло, а силата нивна – неправда; бидејќи и пророкот и свештеникот се безбожни: дури и во домот Мој го забележав бесчестието нивно, вели Господ.
Затоа патот нивни ќе биде лизгаво место во темнината – ќе ги туркаат и тие ќе паѓаат таму; зашто Јас ќе испратам врз нив беда во годината, кога ќе ги казнам, вели Господ. А кај пророците во Самарија видов безумие, тие пророкуваат во името на Ваал и го воведуваат во заблуда народот Мој, Израел. А кај пророците во Ерусалим гледам нешто уште пострашно: тие прељубодејствуваат и одат во лага, ги поткрепуваат рацете на злодејците, та никој од нив да не се откаже од бесчестието свое; сите тие се пред Мене како Содом, а жителите негови – како Гомора. Затоа вака вели Господ Саваот за пророците: еве, ќе ги нахранам со пелин и ќе ги напојам со затруена вода, поради тоа што од ерусалимските пророци се разнесе безбожие по целата земја.
Така вели Господ Саваот: немојте да ги слушате зборовите на пророците, кои ви пророкуваат – тие ве лажат, кажуваат измислени работи од срцето свое, а не она што доаѓа од устата Господова. Постојано им зборуваат на оние, кои не Ме почитуваат: „Господ рече, мир ќе имате.“ И на секого кој се управува според тврдокорноста на срцето свое, велат: „Зло нема да ве снајде.“ Зашто, кој е тој што присуствувал на советот на Господ, па видел и го чул словото Негово? Кој го разбрал Неговото слово и кој го чул тоа? Еве, иде бурата Господова со јарост, бура страшна, и ќе се свие врз главата на безбожниците. Гневот Господов нема да се одврати сѐ додека Тој не ги изврши и додека не ги исполни замислите на Своето срце; во последните дни тоа наполно ќе го разберете. Јас не ги праќам тие пророци, а самите се беа растрчале; Јас не им зборував, а тие пророкуваа. Да беа стоеле во советот Мој, тие ќе му ги објавеа зборовите Мои на Мојот народ и ќе го отклонеа од неговиот лош пат и од неговите лоши дела. Зар Јас сум Бог само одблизу, вели Господ, а не Бог и оддалеку? Може ли човек да се сокрие на место тајно, каде што Јас не би го видел? – вели Господ. Зар не ги исполнувам Јас небото и земјата – вели Господ. Јас слушав што зборуваат пророците, кои во името Мое пророкуваат лага. Тие велат: „Ми се сони, ми се сони.“ До кога ќе трае тоа во срцето на пророците, кои пророкуваат лага, кои пророкуваат измама од срцата свои? Тие мислат дека преку своите соништа, што си ги раскажуваат еден на друг, ќе го доведат Мојот народ дотаму, да го заборави името Мое, како што го заборавија татковците нивни името Мое заради Ваал! Пророкот што видел сон, нека го раскаже како сон, а во кого е словото Мое, нека го каже верно словото Мое. Што заедничко има плевата со пченицата? – вели Господ. Зар не е Моето слово како оган, вели Господ, и не е ли како чекан што крши карпа? Затоа, еве, Јас сум против пророците, вели Господ, кои ги крадат зборовите Мои еден од друг. Еве, Јас сум против пророците, вели Господ, кои го креваат својот јазик и велат: „Тој рече.“ Еве, Јас сум против пророците на лажни соништа, вели Господ кои ги кажуваат и преку своите измами и итрини го заблудуваат Мојот народ, кога Јас не сум ги пратил, ниту сум им заповедал; затоа тие не донесуваат никаква полза за тој народ, вели Господ. Ако те праша тој народ, или пророк, или свештеник: какво е бремето од Господ? а ти кажи му – „Вие сте бреме. Јас ќе ве напуштам,“ вели Господ. Ако пророкот, или свештеникот, или народот каже: „Тоа е бреме од Господ“, Јас ќе го казнам тој човек и домот негов. Туку вака да кажувате еден на друг и брат брату: „Што одговори Господ?“ или – „Што вели Господ?“ А тој збор: „Бреме од Господ“, не употребувајте го во иднина, зашто на таков човек бреме ќе му биде неговиот збор, бидејќи вие ги изопачувате зборовите на живиот Бог, Господ Саваот, нашиот Бог. Вака прашувај пророк: „Што ти одговори Господ?“ или – „Што рече Господ?“ Ако пак сѐ уште велите: „Бреме од Господ“, тоа така вели Господ, поради тој збор што го кажувате – „Бреме од Господ“, кога пак, Јас ве пратив да не велите „Бреме од Господ“, еве затоа ќе ве заборавам наполно, ќе ве оставам и ќе го отфрлам од лицето Свое овој град, кој ви го дадов вам и на татковците ваши. И врз вас ќе испратам вечна поруга и вечен срам, кој нема да се заборави.