И му рекоа Израелците на Гедеон: „Владеј со нас ти и син ти и внук ти, бидејќи ти нѐ спаси од рацете на Мидјаните.“ Гедеон им одговори: „Ниту јас ќе владеам со вас, ниту мојот син ќе владее со вас; Господ нека владее со вас.“ И им рече уште Гедеон: „Ве молам за едно, дајте ми секој по една обетка од пленот свој. Зашто непријателите, бидејќи беа Јишмаелци, носеа златни обетки.“ Тие одговорија: „Ќе дадеме.“ И послаа една облека и фрлаше таму секој по една обетка од пленот свој. Златните обетки што тој ги побара, тежеа илјада и седумстотини шекели, без веришките, копчињата и пурпурните одежди што ги носеа мидјанските цареви, и без златните веришки што беа на вратовите од камилите нивни. Од тоа Гедеон направи ефод и го стави во својот град, во Офра; и почнаа сите Израелци блудно да одат таму, по ефодот, кој беше замка за Гедеон и целиот дом негов. Така се смирија Мидјаните пред синовите Израелови и повеќе не кренаа глава, и земјата беше спокојна четириесет години во деновите на Гедеон. Тогаш Јероваал, синот на Јоас, отиде да живее во својот дом. Гедеон имаше седумдесет сина, произлезени од бедрата негови, бидејќи имаше многу жени. А и наложницата негова, која живееше во Сихем, му роди син, и нему му даде име Авимелех. И умре Гедеон, синот Јоасов, во длабока старост, и беше погребан во гробот на таткото свој, Јоас, во Офра Авиезерова.