И му рече Господ на Гедеон: „Со тие триста што локаа, ќе ве спасам и ќе ви ги предадам Мидјаните во рацете ваши, а сите други нека си одат секој во своето место.“ И тие ја зедоа храната од народот за себе и трубите нивни, и Гедеон ги пушти сите Израелци да се вратат дома, а задржа кај себе триста души. Мидјанскиот логор, пак, беше подолу од него – во долината.
Во онаа ноќ Господ му рече: „Стани, слези во логорот, зашто ти го предадов во твои раце. Ако, пак, се плашиш да слезеш сам, оди во логорот со Пура, слугата свој; и ќе слушнеш што зборуваат, и тогаш ќе се зацврстат рацете твои, и ќе слезеш во логорот.“ И слегоа тој и Пура, слугата негов, до војниците, што беа во логорот. А Мидјаните и Амаликијците и сите жители од исток се беа сместиле по долината во големо множество, како скакулци; камилите нивни беа безброј, беа многу – како песокот на морскиот брег. Гедеон дојде. И ете, еден му го раскажува сонот на друг и вели: „Сонив дека еден тркалезен јачменов леб се тркала по мидјанскиот логор и откако се отркала до шаторот, удри во него така што тој падна, го собори, и шаторот се растури.“ Другиот му одговори: „Тоа не е ништо друго, туку мечот на Гедеон, синот на Јоас, Израелецот; Бог ги предал во рацете негови Мидјаните и целиот логор.“ Откако го слушна прикажувањето за сонот и толкувањето негово, Гедеон се поклони, се врати во израелскиот логор и рече: „Станувајте! Господ го предаде во рацете ваши мидјанскиот логор.“
И ги распореди тристоте мажи во три чети и на сите им даде по една труба и празни стомни и во стомните свеќи. И им рече: „Гледајте ме мене и правете го истото; ете, ќе се доближам до логорот, и што ќе правам јас, тоа правете го и вие. Кога јас и тие што се со мене ќе затрубиме со труба, трубете и вие со вашите труби околу целиот логор и викајте: ‚За Господ и за Гедеон!‘“ И дојде Гедеон со стоте мажи кои беа со него до крајот од логорот, околу почетокот на средната стража, ги разбудија стражарите, затрубија со трубите и ги скршија стомните што беа во рацете нивни. И затрубија сите три чети со труби, и ги скршија стомните, и ги држеа во левата рака свеќите, а во десната рака трубите, трубеа и викаа: „Меч Господов и Гедеонов!“ И секој стоеше на местото свое околу логорот; тогаш во целиот логор се растрчаа, развикаа и почнаа да бегаат. Додека тие триста мажи трубеа со труби, Господ го сврте мечот на секого против другарот негов по целиот логор, и војската бегаше до Бет-Шита кај Церера, сѐ до пределите на Авел-Мехола, близу до Табат.