Тогаш дојде ангелот Господов и седна во Офра под дабот, кој му припаѓаше на Јоас од родот на Авиезер; а синот негов Гедеон чукаше жито на гумното, за да го сокрие од Мидјаните. И му се јави ангелот Господов и му рече: „Со тебе е Господ, мажу силен!“ Гедеон му одговори: „Господаре мој, ако е Господ со нас, зошто нѐ снајде сета оваа мака? И каде се сите Негови чудеса, за кои ни раскажуваа нашите татковци, велејќи: ‚Господ нѐ изведе од Египет?‘ Сега Господ нѐ остави и нѐ предаде во рацете на Мидјаните.“ Тогаш Господ го погледна и рече: „Оди со таа своја сила и спаси го Израел од раката на Мидјаните. Јас те испраќам.“ Гедеон Му одговори: „Господи, како ќе го спасам Израел: ете, и племето ми е најбедно во коленото Манасиево и јас сум најмал во домот на мојот татко?“ Господ му рече: „Јас ќе бидам со тебе, и ти ќе ги поразиш Мидјаните како еден човек.“ Гедеон Му рече: „Ако сум се здобил со милост пред Тебе, дај ми доказ дека Ти говориш со мене. Не оди си оттука, додека не дојдам кај Тебе, да ти донесам дар свој и да Ти го предадам.“ Тој рече: „Јас ќе останам, додека се вратиш.“ Гедеон отиде и приготви козле и лебови пресни од една ефа брашно; месото го стави во кошница, чорбата ја налеа во грне, ги донесе кај Него под дабот и Му ги принесе. И ангелот Божји му рече: „Земи го месото и погачата, и стави ги на оној камен, а чорбата истури ја.“ Тој така и направи. Ангелот Господов го протегна крајот на жезолот што беше во раката негова, и го допре месото и лебовите; и вивна оган од каменот и изгореа месото и лебовите. А ангелот Господов се сокри од очите негови. И виде Гедеон дека тоа беше ангел Господов и рече Гедеон: „Помогни, Господи Боже, зашто видов лице на ангел Господов.“ Господ му рече: „Мир на тебе, не плаши се, нема да умреш!“ И Гедеон Му изгради таму жртвеник на Господ и го нарече: Јахве Шалом. Тој стои и до денес во Офра која им припаѓа на Авиезерците.
Во таа ноќ Господ му рече: „Земи го бикот од стадото на татко ти и вториот бик, седумгодишниот и разруши го жртвеникот на Ваал што е кај татко ти, и исечи ги дрвата што се кај него, и изгради Му како што треба жртвеник на твојот Господ Бог, на врвот од карпата, па земи го вториот бик и принеси го како жртва сепаленица врз дрвата што ќе ги исечеш.“ Гедеон зеде десет слуги свои и направи како што му рече Господ; но бидејќи се плашеше од домашните на својот татко и од градските жители, наместо дење, го направи тоа ноќе. Кога утредента градските жители станаа, ете, жртвеникот на Ваал беше разрушен, столбот до него исечен и вториот јунец принесен како жртва врз новоизградениот жртвеник. И си говореа еден на друг: „Кој го направи тоа?“ Бараа, распрашуваа и рекоа: „Јоасовиот син Гедеон го направи тоа.“ И градските жители му рекоа на Јоас: „Изведи го синот свој; тој треба да умре, зашто го разруши Вааловиот жртвеник и го исече светиот столб што беше до него.“ Јоас им кажа на сите што дојдоа кај него: „Вие ли ќе се застапувате за Ваал, вие ли ќе го заштитувате? Кој ќе се застапи за него, ќе биде предаден на смрт уште ова утро; ако е тој бог, сам нека се одмазди на тој што му го срушил жртвеникот негов.“ Затоа од тој ден Гедеон почнаа да го викаат Јероваал, бидејќи било речено: сам нека се одмазди Ваал на него, поради тоа што му го срушил жртвеникот негов.