По него дојде Јаир од Галаад, кој беше судија над Израел дваесет и две години. Тој имаше триесет сина, кои јаваа на триесет магариња, и имаа триесет града, кои и до денес се нарекуваат Јаирови селишта, а се во Галаадската земја. Јаир умре и беше погребан во Камон.
А Израеловите синови пак почнаа да прават зло пред Господ и им служеа на разни Ваали и Астарти, на боговите арамејски, на боговите сидонски, на боговите моавски, на боговите од синовите Амонови и на боговите филистејски, а Господа Го оставија и не Му служеа. И се разгори гневот на Господ против Израел, и Тој ги предаде во рацете на Амоновите синови. Оттогаш тие ги угнетуваа и ги мачеа Израеловите синови осумнаесет години по ред, сите Израелови синови од онаа страна на Јордан во аморејската земја, која е во Галаад. Најпосле Амонците го преминаа Јордан за да војуваат против Јуда и Венијамин и против домот Ефремов. И синовите Израелови беа на големи маки. Па повикаа синовите Израелови кон Господ и рекоа: „Згрешивме пред Тебе, зашто го оставивме нашиот Бог и им служиме на Вааловци.“ И Господ им рече на Израеловите синови: „Не ве угнетуваа ли Египќаните и Аморејците, Амонците и Филистејците, Сидонците, Амаликијците и Маонците и кога повикавте кон Мене, не ве спасив ли од рацете нивни? А вие Ме оставивте и почнавте да им служите на други богови; затоа нема повеќе да ве спасувам; одете, повикајте ги боговите што сте ги избрале, нека ве спасат тие во ова за вас тешко време.“ Тогаш синовите Израелови Му рекоа на Господ: „Згрешивме; прави со нас сѐ што Ти е мило, само спаси нѐ сега.“ И ги отфрлија од себе туѓите богови и почнаа да Му служат на Господ. И не ги истрпе душата Негова страдањата Израелови. Амонците, пак, се собраа и се сместија, поставија логор во Галаад; исто така се собраа и Израеловите синови и поставија логор во Мицпа. Народот и началниците галаадски си рекоа еден на друг: „Кој ќе почне војна против Амонците, тој нека биде началник на сите галаадски жители.“