Јас им се открив на оние, кои не прашуваа за Мене, кои не Ме бараа: „Еве Ме, еве Ме!“ – му велев на народ, кој не го повикуваше името Мое. Секогаш ги протегав рацете Свои кон непокорниот народ, кој одеше по лош пат, – по своите помисли, – кон народ, кој постојано Ме навредува в лице, принесува жртви во градините и пали темјан на црепчиња, седи во гробови и ноќева во пештери; јаде свинско месо, а во садовите негови има гнасно вариво; кои велат: „Застани, не доближувај се до мене, зашто сум свет за Тебе.“ Тие се дим на ноздрите Мои – оган што гори секој ден. Ете, што е напишано пред лицето Мое: нема да премолчам, туку ќе отплатам, ќе отплатам во пазувата нивна, за нивните беззаконија, вели Господ, и заедно со беззаконијата на татковците нивни, кои кадеа темјан по планините, и по ридовите Ме навредуваа, – ќе им одмерам полна плата во пазувите нивни и за нивните поранешни дела. Вака вели Господ: „Како што во гроздот има сок, и велат не го повредувај, зашто во него има благослов; исто ќе направам и за Моите слуги, и нема сите да ги погубам. И ќе произведам од Јаков потомство, а од Јуда – наследник на Моите гори; и тоа ќе го наследат Моите избрани, таму ќе живеат слугите Мои. И Сарон ќе биде пасиште за овци, а долината Ахор – пладниште за говедата на Мојот народ, кој Ме побара. А вас, кои Го оставивте Господа, ја заборавивте Мојата света гора, готвите трпеза за Гад и отворате полна чаша за Мене, – вас ве определив за меч, сите ќе се наведнете за колење, зашто викав – и не одговаравте, говорев – не слушавте, но вршевте зло пред очите Мои и го избиравте она, што не беше по волјата Моја.“ Затоа вака вели Господ Бог: „Ете, слугите Мои ќе јадат, а вие ќе гладувате; слугите Мои ќе пијат, а вие ќе се измачувате од жед; слугите Мои ќе се веселат, а вие ќе бидете во срам; слугите Мои ќе пеат од срдечна радост, а вие ќе пиштите од срдечна жалост и ќе плачете од маката во вашиот дух. И ќе им го оставите името свое на Моите избрани за проклетство; тебе ќе те убие Господ Бог, а слугите Свои ќе ги нарече со друго име, оној, што се благословува на земјата, нека се благословува со вистинскиот Бог; и кој се колне на земјата, нека се колне со вистинскиот Бог, – зашто поранешните жалости ќе бидат заборавени и сокриени од Моите очи.“