Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 58:1-12

Исаија 58:1-12 MK2006

Викај со сиот глас, не воздржувај се; крени го гласот како труба, укажи му на народот Мој на беззаконието негово, и на домот Јаковов – гревовите негови. Тие секој ден Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта, како народ, кој божем постапува праведно и не ги остава законите на својот Бог, сакаат да се приближат до Бога: „Зошто ние постиме, велат, а Ти не гледаш; ги измачуваме душите свои, а Ти не сакаш да знаеш?“ – Ете, кога постите, вие ја исполнувате својата волја и други угнетувате. Ете, вие постите за караници и рас­правии и за да ги биете со рака сиромасите; со таков пост со каков што постите денес, гласот ваш нема да биде чуен во висините. Таков ли е постот, што Јас го определив: човек да ја изнемоштува душата своја во денот кога ја наведнува главата како трска и под себе постила вреќиште и пепел? Тоа ли ќе го наречеш пост и ден угоден на Господ? Ете го постот, што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем; раздели го лебот свој со гладните, и бездомните сиромаси закрили ги во до­мот свој; ако видиш гол, – облечи го, и од крвните сродници не криј се. Тогаш твојата светлина ќе светне како зора, и твоето здравје наскоро ќе процути, твојата правда ќе тргне пред тебе и славата Господова ќе те при­дружува. Тогаш ти ќе повикаш – и Господ ќе те чуе, ќе извикаш – и Тој ќе рече: „Еве Ме.“ Кога ќе го отстраниш од себе јаремот, кога ќе престанеш да креваш прст и да говориш лошо, кога ќе ја поделиш со гладниот хра­ната своја и ќе ја нахраниш душата на страдалникот, – тогаш твојата светлина ќе изгрее во темнината, и мракот твој ќе биде како пладне; и Господ секогаш ќе ти биде водач, а и во време на суша ќе ја наситува душата твоја и ќе ги крепи коските твои; ти ќе бидеш како градина напоена со вода и како извор, чии води никогаш не пресушуваат. Тогаш твоите потомци ќе градат врз стари урнатини: ти ќе ги поставиш основите на многу поколенија, и ќе те викаат обновител на урнатини, градител на патишта за населби.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност