Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 49:13-26

Исаија 49:13-26 MK2006

Радувајте се, небеса, и весели се, земјо; воскликнувајте од радост гори, зашто Господ го утеши Својот народ и ги помилува Своите страдалници. А Сион велеше: „Ме остави Господ, мојот Бог ме заборави!“ Може ли жена да го заборави поро­дот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го забора­вила, Јас тебе нема да те заборавам. Ете, на Своите дланки сум те вре­жал; твоите ѕидишта секогаш се пред Мене. Твоите ѕидари ќе побрзаат кон тебе, а твоите разурнувачи и пустошници ќе си отидат од тебе. Крени ги очите и погледај наоколу, – тие сите се собираат, доаѓаат кон тебе. Жив сум Јас! вели Господ, – со сите нив ќе се облечеш како со накит и ќе се промениш со нив како невеста. Зашто твоите урнатини, твоите пустини и твојата разорена земја сега ќе бидат многу тесни за жителите, кога оние, што те голтаа, ќе си отидат од тебе. Децата што ги имаш, бидејќи си ги изгубила поранешните, ќе ти говорат гласно: „Тесно е местото за мене; отста­пи ми, за да можам да живеам.“ И ти ќе речеш во срцето свое: кој ми ги роди? Јас бев бездетна и бесплодна, одведена во плен и отфрлена; но, кој ги одгледа? – Ете, јас си бев сама; а тие каде беа? Вака вели Господ Бог: „Ете, ќе ја кренам раката Своја кон народите, ќе им дадам знак на племињата, – и ќе ги донесат синовите твои на раце и ќерки­те твои – на раменици. И царевите ќе бидат твои храни­тели, и нивните царици ќе бидат твои доилки; со лицето до земјата ќе ти се поклонуваат и ќе го лижат правот од нозете твои, и ќе дознаеш дека сум Јас Господ, дека оние, што се надеваат на Мене, нема да се посрамат. Може ли да се одземе плен од си­лен, и можат ли да се одземат заробени од победникот?“ Да, така вели Господ: и секој заро­бен од јунак ќе биде одземен и грабежот од тиранинот ќе биде вратен; зашто Јас се борам со твоите противници и ќе ги спасам твоите синови; ќе ги нахранам твоите угнетувачи со нивното сопствено месо, ќе бидат на­поени со својата крв како со ново вино; и секое тело ќе дознае дека Јас сум Гос­под, твој Спасител и твој Искупител, Силниот Бог Јаковов.