А сега слушај, Јакове, слуго Мој, и ти, Израеле, кого Јас го избрав. Вака вели Господ, Кој те создаде и те обликува, Кој ти помага од мајчината утроба: не плаши се, слуго Мој Јакове, и љубимецу Мој, кого Јас го избрав; зашто ќе излеам вода врз жедната земја, и потоци врз исушеното; ќе го излеам духот Свој врз твоето поколение и благословот Свој – врз твоите потомци. Ќе растат како трева крај извори, како врби крај водни потоци. Еден ќе рече: „Јас сум Господов“, друг ќе се нарече со името на Јаков; а трет ќе напише на раката своја: „Јас сум Господов“, ќе се нарече со името Израелово. Вака вели Господ, Царот на Израел и неговиот Избавител, Господ Саваот: Јас сум првиот, Јас сум и последниот; освен Мене нема Бог; зашто кој е како Мене? Нека раскаже тој, да разгласи и по ред да Ми претстави сѐ од она време, кога го устроив древниот народ, нека го разгласат она што настапува и она што ќе биде. Не бојте се и не плашете се: нели одамна ти соопштив и претскажав? И вие сте Мои сведоци. Има ли Бог освен Мене? Не, друга Карпа нема, Јас те познавам.
Оние, што прават идоли, сите се ништожни, нивните скапоцености не донесуваат никаква корист; тие сами се сведоци за тоа. Тие не гледаат, ниту разбираат, и затоа ќе им бидат за срам. Кој прави бог и излева идол, што не донесува никаква корист? Сите учесници во тоа ќе бидат посрамени, зашто и самите мајстори сепак се луѓе; сите тие нека се соберат и нека застанат; тие ќе се уплашат и сите ќе бидат посрамени. Ковачот го прави од железо, со чекан го мазни и се труди над него со силната рака своја до толку, што прегладнува и премалува, не пие вода и изнемоштува. Дрводелецот, откако ќе одбере дрво, влече по него линија, со остар алат го оцртува, потоа изработува лик на убав човек, за да го постави дома. Сече кедри, зема бор и даб, кои ги одбира меѓу шумските дрвја, сади јасен, кој дождот го прави да расте. И тоа му служи на човекот за оган, а дел од него употребува да се топли, да запали оган и да пече леб. А од него прави и бог и му се поклонува, прави идол и паѓа ничкум пред него. Дел од дрвото изгорува во оган, со друг дел вари месо за јадење, си пече печено и јаде до наситување, а исто така се грее и вели: „Добро е, се згреав; почувствував топлина.“ А од остатоците прави бог, свој идол, му се поклонува, паѓа ничкум пред него и му се моли и вели: „Спаси ме, зашто ти си мој бог.“ Не знаат, ниту разбираат: заслепени им се очите, за да не гледаат, и срцата нивни – за да не разбираат.