Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 41:8-29

Исаија 41:8-29 MK2006

„А ти, ти Израеле, слуго Мој, Јако­ве, кого Јас те избрав, семе на Мојот пријател Авраам, ти, кого го зедов од краиштата на земјата и го повикав од краиштата нејзини, и ти реков: Ти си Мој слуга, Јас те избрав и нема да те отфрлам. Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; не вознемирувај се, зашто Јас сум Бог твој; Јас ќе те закрепам и ќе ти помогнам, ќе те поддржам со Мојата победо­носна десница.“ Ете, посрамени и понижени ќе ос­танат сите, што се наежени против тебе, – ќе бидат како ништо и ќе загинат оние што се препираат со тебе. Ќе ги бараш – и нема да ги најдеш, нив, кои непријателствуваат против тебе; оние кои се борат против тебе ќе бидат како ништо, наполно ништо; зашто Јас сум Господ, Бог твој; те држам за твојата десна рака, ти велам: „Не плаши се, Јас ти помагам.“ „Не плаши се, црву Јакове, малуброен Израеле, – Јас ти помагам, вели Господ, Јас твојот Искупител, Светецот Израелов.“ Ете, Јас ќе те направам остар ди­кел, нов, назабен; ти ќе ги кршиш и ќе ги ситниш планините, и ридовите ќе ги направиш како прав. Ти ќе ги вееш, ветрот ќе ги разнесе, и виорот ќе ги развее; а ти ќе се зарадуваш во Господ, ќе се фалиш со Све­тецот Израелов. Сиромаси и неимотни бараат вода, и нема, јазикот им се исушува од жед: Јас, Господ ќе ги чујам, Јас, Бог Изра­елов, нема да ги оставам. Ќе отворам реки на врвот од горите и извори среде долини; пустината ќе ја направам езеро и сувата земја – водни извори; ќе насадам во пустина кедар, ситим, мирта и маслинки, ќе насадам во степите кипарис, јавор и бука заедно, сите да видат и познаат, и да разгледаат и разберат дека раката Гос­подова го направи тоа, дека Светецот Израелов го создаде тоа. Претставете го спорот свој, вели Господ; дајте ги доказите свои, вели Царот Јаковов. Нека дојдат и нека ни кажат што ќе биде; нека објават нешто, пред да стане, и ние ќе проникнеме со умот свој и ќе дознаеме, што ќе биде потоа, или нека ни претскажат за иднината. Кажете што ќе биде во иднина, и ние ќе познаеме дека сте богови, или направете нешто добро или лошо, за да се зачудиме и стаписаме. Но вие сте ништо, и делото ваше е ништожно; одвратен е оној што ќе ве избере. Јас го подигнав од север, и тој ќе дојде; од изгрев сонце ќе го повикува името Мое и ќе ги гази кнезовите ка­ко кал, и ќе ги гази, како грнчар глината. Кој објави за тоа од почетокот, за да знаеме, и многу порано, за да можеме да кажеме: „Вистина ли е!?“ Но никој не кажал, никој не објавил, никој не ги чул вашите зборови. Јас прв реков на Сион: „Ете го, и му дадов на Ерусалим благовесник.“ И така, Јас гледав, и немаше никого, меѓу нив не се најде советник, за да можам да ги прашам, и тие да одговорат. Ете, сите тие се ништо, ништожни се и делата нивни: ветар и ништожност се нивните идоли.