Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 41:1-20

Исаија 41:1-20 MK2006

Молкнете пред Мене, острови, и народите нека ги обноват силите свои; нека се приближат и нека речат: да излеземе заедно на суд. Кој Го издига од исток Правед­никот, кој Го повикува да оди пред Него? Кој Му ги предаде народите и Му ги покори царевите? Тој ги претвори во прав со Неговиот меч, со Неговиот лак – во плева, развеана од ветар. Тој ги гонеше, Тој газеше сигурно по патот, одвај допирајќи го со нозете Свои. Кој го направи и изврши тоа? Оној, Кој во почетокот ги повика родовите; Јас, Господ, Јас сум првиот, и со последните – Јас сум истиот. Островите видоа и се ужасија, краиштата земни затреперија. Тие се зближија и се собраа; секој му помага на другарот свој и му вели на братот свој: „Држи се!“ Леарот го бодри златарот, тој што сплескува со чекан го храбри оној што кове со ковална, велејќи за спојката: „Добра е“; и ја зацврстува со клинци, за да биде цврста. „А ти, ти Израеле, слуго Мој, Јако­ве, кого Јас те избрав, семе на Мојот пријател Авраам, ти, кого го зедов од краиштата на земјата и го повикав од краиштата нејзини, и ти реков: Ти си Мој слуга, Јас те избрав и нема да те отфрлам. Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; не вознемирувај се, зашто Јас сум Бог твој; Јас ќе те закрепам и ќе ти помогнам, ќе те поддржам со Мојата победо­носна десница.“ Ете, посрамени и понижени ќе ос­танат сите, што се наежени против тебе, – ќе бидат како ништо и ќе загинат оние што се препираат со тебе. Ќе ги бараш – и нема да ги најдеш, нив, кои непријателствуваат против тебе; оние кои се борат против тебе ќе бидат како ништо, наполно ништо; зашто Јас сум Господ, Бог твој; те држам за твојата десна рака, ти велам: „Не плаши се, Јас ти помагам.“ „Не плаши се, црву Јакове, малуброен Израеле, – Јас ти помагам, вели Господ, Јас твојот Искупител, Светецот Израелов.“ Ете, Јас ќе те направам остар ди­кел, нов, назабен; ти ќе ги кршиш и ќе ги ситниш планините, и ридовите ќе ги направиш како прав. Ти ќе ги вееш, ветрот ќе ги разнесе, и виорот ќе ги развее; а ти ќе се зарадуваш во Господ, ќе се фалиш со Све­тецот Израелов. Сиромаси и неимотни бараат вода, и нема, јазикот им се исушува од жед: Јас, Господ ќе ги чујам, Јас, Бог Изра­елов, нема да ги оставам. Ќе отворам реки на врвот од горите и извори среде долини; пустината ќе ја направам езеро и сувата земја – водни извори; ќе насадам во пустина кедар, ситим, мирта и маслинки, ќе насадам во степите кипарис, јавор и бука заедно, сите да видат и познаат, и да разгледаат и разберат дека раката Гос­подова го направи тоа, дека Светецот Израелов го создаде тоа.