Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 40:21-31

Исаија 40:21-31 MK2006

Зар не знаете? Зар не сте слушале? Зар не ви е зборувано во почетокот? Зар не сте го разбрале тоа од основањето на земјата? Тој е Оној, Кој седи над кругот на земјата, а оние, што живеат на неа, се како скакулци пред Него; Тој ги распослал небесата како тенко платно и ги распнал како шатор за живеење. Тој ги претвора кнезовите во ниш­то, судиите земни ги прави да бидат ништожни. Одвај посадени, одвај посеани, одвај се закоренил во земјата стракот нивни, штом Тој ќе дувне врз нив, тие се ису­шуваат; виорот ги однесува како плева. „Со кого ќе Ме изедначите и со кого ќе Ме споредите?“ – вели Свете­цот. Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Тој сите нив ги нарекува по име: поради големата моќ и големата сила во Него ништо не недостига. А како говориш ти, Јакове, и ве­лиш, Израеле: „Патот ми е сокриен од Господ, делото мое е заборавено пред мојот Бог?“ Зар не знаеш? Зар не си слушал дека вечниот Бог, Кој ги создал краиш­тата на земјата, не се изморува и не изнемоштува; Неговиот разум е не­испитлив. Тој му дава сила на уморениот и му дарува јачина на изнемоштениот. Се уморуваат и момчињата и осла­буваат, и млади луѓе паѓаат, а оние кои се надеваат на Господ, ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат.