А најважното од ова што го зборуваме, е дека имаме таков Првосвештеник, Кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата, и е служител на светилиштето и на вистинската скинија, што ја постави Господ, а не човек. Секој првосвештеник се поставува за да принесува дарови и жртви; затоа беше потребно и Тој да има што да принесе. Зашто, ако Тој беше на земјата, не би бил ни свештеник, зашто има свештеници што принесуваат дарови по Законот и им служат на образот и на сенката на небесните работи, како што му беше речено на Мојсеј, кога ја подигаше скинијата: „Гледај, рече, да направиш сѐ според образецот, што ти беше покажан на планината.“ А сега Тој доби толку подобра служба, и стана посредник на подобар завет, кој е утврден врз подобри ветувања.
Зашто, ако првиот завет беше без недостаток, тогаш немаше да се бара втор. Но, укорувајќи ги, вели: „Ете идат денови, вели Господ, и со домот Израелов и со домот Јудин ќе склучам нов завет, но не таков завет каков што склучив со татковците нивни во денот, кога ги фатив за рака за да ги изведам од земјата египетска, – зашто тие не останаа во Мојот завет и Јас ги оставив, вели Господ. Но овој е заветот што ќе му го дадам на домот Израелов во оние дни, вели Господ: ќе ги врежам законите Свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам, и ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ.